Убавина
Денови на стил со „Леонтиќ“
Ако убавината е ветување за среќа, како што, патем, во некој свој филозофски момент кажал Ниче, веднаш станува поразбирлива опсесијата на луѓето низ вековите, а особено на модерните современици за достигнување совршена убавина. Навистина, критериумите за убавина и совршенство се релативни, но затоа чувството на среќа кога ќе се достигне, е апсолутно.
Филозофските рефлексии за убавината, Академија и студио „Леонтиќ“ се' почесто, конкретно ги спроведуваат во дело преку своите Денови на модата. Минатата недела (19 септември), во Музејот на град Скопје се случуваше Ден на модата со „Леонтиќ“, каде што учениците (сегашни и поранешни) од ова училиште ги искажуваа своите научени вештини за разубавување, практично, врз професионални модели, но случајни посетители на овој настан.
„Планираме Денот на модата со „Леонтиќ“ да стане редовна практика на нашето училиште“, вели Васка Леонтиќ, генерален менаџер на Академија и студио „Леонтиќ“. Тоа би требало да стане нешто како дел од модното живеење на Скопје, денови кога нашите ученици ќе можат практично да ги применуваат пред јавноста своите знаења и вештини стекнати во образовниот процес. За комплетен стилист, потребно е тие да ги владеат вештините на усогласување на костумот, со фризурата, шминката, а да умеат и да работат педикура и надградба на нокти.
Неодамна одржаниот Ден на модата со „Леонтиќ“, траеше од 12 до 17 часот кога учениците ги практикуваа своите вештини на повеќе модели, а финалето беше со елегантна модна ревија, која ја носеа манекенките од модното студио „Црнокрак“. Фризурите и шминката на манекенките беа дело на тимската работа на учениците од „Леонтиќ“, надоградена на костимите од модното студио „Алшар“, што ги подготви нивната професорка по уметност, Силвија Михјаловска. Ревијата беше во ритамот и кореографијата на Сања Шутевска.
Освен на живите модели, учениците работеа и фризури - скулптури, кои му дадоа и еден музејски тон на Денот на модата, во согласност со местото на одржувањето.
„Задоволни сме од овој Ден на модата. Веќе во ноември планираме уште еден моден ден, но тогаш со натпреварувачки карактер, во повеќе категории. Постојано ќе имаме активности со кои ќе станеме недоминлива компонента на модното живеење на градот“, најавува Васка Леонтиќ. Ј.П. |