Комбинатот „Силмак“ повторно работи
„Силмак“ од Јегуновце го обнови своето производство, вчера утро е запалена првата печка по тримесечно неработење, а дел од работниците се враќаат во халите.
За почеток, според директорот Ѕвонко Стојановски, ќе работи само една печка, а за десетина дена очекуваат вклучување и на втората. Со тоа, околу 200 работници ќе се вратат со производството на феросилициумот.
Овие позитивни информации доаѓаат како резултат на зголемената побарувачка на производите на странските пазари.
„Залихите со кои располагавме веќе се распродадени. Околу 90 проценти од производството на ’Силмак‘ е за земјите од ЕУ. И понатаму нашите стратегиски партнери се Словенија, Чешка, Италија, Србија, Австрија“, вели Стојановски.
Седумте печки на „Силмак“ престанаа да работат на 1 март годинава, поради што 630 работници заминаа дома на принуден одмор. Останаа стотина лица ангажирани на ремонтни работи и на одржување на објектот.
Тогашното затворање беше резултат на намалената побарувачка на производството и на ниската светска цена на феросилициумот. (Макфакс) |