Заменета носната нога на „боингот“ на МАТ
Инспектори на АЦВ не дозволиле враќање на леталото во Скопје пред да се поправи дефектот на еден од моторите
Сања Наумовска
МАТ ја заврши замената на носната нога на својот единствен авион „боинг 737“, но доби нов налог за преиспитување на работата на еден од моторите, соопштуваат од националниот авиопревозник. Во МАТ побарале од сервисот на „ЈАТ техника“, каде се' уште се наоѓа леталото, да биде завршено и новопобараното сервисирање во текот на следните две недели. За авиокомпанијата ова е уште еден момент кој ќе го одложи почетокот на високата летна сезона кога авиокомпаниите го прават најголемиот профит.
„На авионот на МАТ, согласно со претходно донесеното решение од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство, целосно му е заменета носната нога и целокупната документација, заедно со ЦРС-сертификатот за пловидба издаден од „ЈАТ техника“, беше доставен до воздухопловните власти. Инспектори од АЦВ извршија вонреден преглед на авионот во Белград, затоа што беше одбиено барањето авионот да слета на скопскиот аеродром со цел да се вклучи во сообраќај. По извршениот инспекциски надзор, тие констатираа недостатоци на едниот мотор и не издадоа решение за пловидба, туку наложија да се изврши поправка на моторот“, информираат од МАТ.
Новата поправка ќе се случува во следните две недели во „ЈАТ техника“ во Белград, каде што беше заменета и носната нога.
„Одборот на директори на МАТ е длабоко убеден дека ова ќе биде последна забелешка што АЦВ ќе ја констатира на авионот и дека по завршување на работите, Агенцијата ќе издаде сертификат за пловидба со што леталото ќе може да се вклучи во сообраќај“, соопштуваат од авиокомпанијата. |