Текстилците ќе се пребројуваат во септември
Есента ќе биде клучна за натамошниот опстанок на оваа трудоинтензивна гранка
Александрија Стевковска
Текстилната индустрија е притисната до ѕид. Таму кризата го зеде најголемиот данок, па сега производните капацитети едвај ги соединуваат почетокот и крајот на месецот, континуирано се отпуштаат работници, тешко се наоѓаат пари за плати. Упатените велат, септември ќе биде клучен за натамошниот опстанок на оваа трудоинтензивна гранка, кога текстилците ќе пребројуваат кој преживеал.
„Моментно состојбата во текстилната индустрија е статус кво. Кој работи, работи, кој престана со работа, не продолжува со производство, па работниците се дома. Сега се одвива активноста за завршување на договорите за зимската колекција и најтешкото доаѓа кога тие ќе се затворат и кога фабриките ќе останат без работа. Тоа би се случило во септември и единствено што во таа ситуација може да им помогне на текстилците се 100 милиони евра, поволни кредити од ЕИБ“, смета Анќелко Ангелевски од ССМ.
Тој ги потврдува статистичките показатели, според кои кризата остави неколку илјади луѓе на улица.
„За првите три месеци од 3.000 до 4.000 луѓе од текстилната индустрија останаа без работа, а според најавите, во септември таква судбина може да снајде уште 2.000-3.000 луѓе“, вели Ангелевски.
Според него, парите од ЕИБ ќе им помогнат на текстилците да го преживеат вакуум периодот од неколку месеци, додека пристигнат, доколку воопшто и пристигнат новите нарачки за идната година за летната сезона.
Претставниците на текстилната индустрија велат дека сега е во шпиц производната кампања за претстојната зима, но оти стравуваат од она што ги чека наесен.
„Капацитетите сега работат со 70 отсто од своите можности и може да се каже дека состојбата горе-долу е стабилизирана. Проблемите ќе се појават кон крајот на август и септември, кога постојните нарачки ќе бидат завршени, а не се знае кога ќе има нови нарачки“, вели Владо Нетков, претседател на Асоцијацијата на текстилни работници.
За него, поразително за текстилците се долгите вакуум периоди, кога тие не работат.
„Доколку порано немавме работа по месец-два, сега не работиме и по повеќе месеци, што не'става во положба едвај да преживуваме“, додава Нетков. Тој објаснува дека оваа индустрија не гледа спас во кредитите од ЕИБ.
„Условите под кои тие пари можат да се користат се утопија. Ќе се бараат хипотеки, добри проекти, ретко кој ќе може тоа да го понуди. Тоа значи дека овие пари ќе бидат недостижни за малите и за средните претпријатија“, смета претседателот на текстилната асоцијација. |