Златната треска продолжува да ја тресе Русија
Џинот напредува во сите области, а добивањето на организацијата на СП 2018 значи дополнително отворање кон светот
Наум Котевски
Русија е во национален транс. Го слави добивањето на организацијата на Светското првенство во фудбал 2018 година, како што пред 65 години го славеше триумфалниот влез на Црвената армија во Берлин.
Русите се горди што ќе бидат првите домаќини на најголемиот спортски планетарен настан од Источна Европа.
Додека поразените ја обвинуваат ФИФА за корупција, тие дури сега во неа ја видоа мајката, која полека го реализира планот за дисперзија на фудбалската моќ.
Премиерот Владимир Путин не дојде во Цирих на завчерашното гласање, иако премиерите на другите земји кандидати го направија тоа. Путиновиот „задоцнет пат“ претставникот за медиумите го прокоментира кажувајќи дека тој ќе допатува ако Русија ја добие организацијата, што и се случи. Путин организацијата на СП ја разбира како руско отворање кон светот, бидејќи како што вели „некои земји од студената војна наваму имаат погрешно мислење за Русија“.
Русија е домаќин и на Зимските олимписки игри 2014 година (Сочи) за кои подготовките се во полн ек. Но, ништо како фудбалот не може да предизвика желба за инвазија на 150 милионската земја.
Тоа тогаш ќе биде на очиглед на сите, иако не значи дека и сега не се случува инвазија.
Имено, тешката задача да изгради капитализам земјата каде омилена поговорка е „со чесна работа никој не може да се збогати“ го решава со доведување на илјадници странски директори и претседатели на големи компании. Агенциите што се занимаваат со странска работна сила цветаат.
На раководните места во нафтената индустрија претежно работат странци кои се далеку повеќе платени отколку што би биле во своите земји. Борбата на кадри се случува секаде во светот, но Русија е најпривлечниот пазар.
Реката странски инвестиции не престанува да тече. Москва е едно од најголемите градилишта. Веќе неколку години се вложуваат огромни средства. Во високите згради, бизнис и спортски центри воглавно се вложени странски пари.
Сепак, технолошкото ниво, да речеме, на нафтената и металуршката индустрија заостануваат зад светските стандарди десетина години. Отприлика онолку колку што и беше потребно на Русија да почне да се опоравува од распадот. За тоа време руската наука беше во хибернација, а младите стручњаци заминуваа. Оние што останаа тешко се тргаат од советските категории.
Позната е приказната за директорот на една рударска компанија која мораше да вработи странец менаџер, бидејќи неговите соработници во бизнис планот не ја уфрлиле изградбата на железничката пруга неопходна рудата да се достави подалеку од кругот на работникот, што, секако, влијае на цената. Заборавиле на тоа, бидејќи им остана свеста од советските времиња дека тоа ќе го направи државата.
Секако, и рускиот образовен систем се прилагодува на светските трендови, иако добро упатените тврдат дека се' уште тој е заснован на теорија. Односно дека менаџерот кој е „напукан“ со теорија ќе се снајде во секаква ситуација, што не случај со Западот.
Во моментов претставниците на американските компании кои работат со нафта и гас не се баш задоволни од фактот дека им е ограничен пристапот до тие ресурси. Но, сите се сложуваат дека во останатите области сликата е дијаметрално спротивна и неверојатно позитивна. Во нив нема никакви ограничувања, тоа е најлибералниот можен систем, тврдат американските стручњаци.
Колку ќе трае таа златна треска што ја тресе Русија во сите области, не зависи само од тоа со која брзина ќе се едуцираат стручњацит��, туку од тоа на кој начин ќе се трошат петро доларите кои ги поплавија сите фондови. Како и да е, Русија сосема сигурно е земја во која одредени категории на луѓе заработуваат многу полесно и побрзо отколку на Запад. |