Фудбал во пустинската оаза
Мундијалот 2022 е одлична промоција за високиот туризам кон кој целат емиратите од Заливот
Димитар Чулев
„Не само што ќе изградат стадиони, ќе најмат и навивачи доколку е потребно, кои, по потреба жестоко ќе ги бодрат репрезентациите...“
Ова е еден од илјадниците блог-коментари на социјалните интернет-мрежи кои се појавија по објавувањето на уникатната вест дека Катар ќе биде домаќин на Мундијалот 2022.
Душегрижници побрзаа да ги истакнат негативните страни на завчерашниот избор: енормно високите температури, пустината и песочните ветрови, загадувањето со CO2, строгите исламски закони кои немале да дозволат навивање во бикини, бакнување на трибините, нетолерантноста кон хомосексуалниот дел од навивачката популација која по 12 години ќе отпатува во Катар, наводно забранетото консумирање алкохол и – отсуството на разголени жени на трибините.
Тешко дека нешто од наброеното е издржано. Земјата која лани имаше бруто домашен производ од 102 милијарди долари, која по глава на жител има над 84.000 долари (по Лихтенштајн, најбогати граѓани на планетата) премногу брзо напредува кон остварувањето на целта зацртана кај сите емирати од Заливот – да изградат туристички рај на земјата кој ќе им обезбеди иста благосостојба тогаш кога петро-доларите ќе секнат.
Катар со своите 1.696.000 жители распослани на 11.437 км2 (површина нешто помала од половина Македонија), лежи на резерви нафта и гас (14 отсто од светските резерви) кои и' овозможуваат во наредните 37 години да остварува трговски суфицит како и во претходните осум.
Многу е извесно дека во земјата во која нема политичка опозиција, семејството на шеикот Ал-Тани, кое владее од средината на 19 век, без проблем ќе ги издвои потребните три милијарди долари за изградба на целосната инфраструктура за Мундијалот.
Ако емиратите се чудо на денешното градителство и архитектура каде се градат острови, облакодери од над 800 метри, затворени скијачки патеки, каде што струја не се плаќа бидејќи платите на инкасантите би биле непотребен трошок, за очекување е дека светот може да очекува зафати за кои сега не може ни да се размислува. Климатизираните покриени стадиони се само дел од најавите.
Мундијалот ќе биде искористен за огромна туристичка промоција... Дванаесет години се огромен период и за подготовка на средба на Блискиот исток со сомничаво расположениот западен свет, иако модерното време е присутно во емиратот кој, само за споредба, е децении понапреден од бастионот на строгиот шеријатски закон – Саудиска Арабија. Ништо од забраните не функционира во Катар.
Катар до 1916 година бил дел од Отоманската империја, до 1968 протекторат на Велика Британија, независност прогласи во 1971 година. Ако во почетокот на дваесеттиот век имал само 20.000 жители, на крајот на шеесеттите 70.000, денес има десет пати повеќе експатриди, работници и слуги што работат за арапските домаќини.
Една милијарда долари се одобрени за изградба на работничка населба во индустрискиот дел на главниот град на Катар, Доха, по критиките од меѓународната заедница дека увезената работн�� сила ги нема потребните 4.25 квадратни метри простор за секој работник. Со мега проектот „Мундијал 2022“ Катар ќе стане нова градежна мека. |