Русија е политички избор, Катар економски
Русија и Катар на нозе. Слават поради добивањето на кандидатурите за организација на Светските фудбалски првенства во 2018 и во 2022 година. За разлика од нив, останатите земји што аплицираа во трката се покажаа како лоши губитници. Реакциите доволно кажуваат за нивната разочараност, но и изненаденост од изборот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА).
ШПАНИЈА/ПОРТУГАЛИЈА
Мигел Анхел Лопез, директор на заедничката кандидатура на Шпанија и Португалија
„ФИФА очигледно сметаше дека фудбалот мора да се промовира и во места ка��е што досега тоа не беше случај. Затоа и ја одбија нашата кандидатура. Двете одлуки се изненадувачки, но ФИФА сака повеќе пари и реши да отиде таму каде што ги има во изобилие“.
Винсент дел Боске, селектор на Шпанија
„Челниците на ФИФА, најверојатно, сакаат експанзија на фудбалот во нови региони што се економски силни и во кои нема недостаток од пари“.
АНГЛИЈА
Дејвид Камерун, премиер на Велика Британија
„Тешко е да се каже што се' можевме да сториме. Испадна дека е неважно што имате традиција, технички најдобро оценета кандидатура, маркетиншки најдобро одработена кандидатура и загарантирано најдобри временски услови. Многу сум тажен. Во мојот живот досега не сум видел светско првенство во Англија и се надевав дека тоа сега ќе се промени“.
Хју Робертсон, министер за спорт на Велика Британија
„Единственото објаснување е она што го понуди Сеп Блатер, а тој рече дека светските првенства сака да ги однесе во нови граници“.
ХОЛАНДИЈА/БЕЛГИЈА
Марк Вилмотс/поранешен белгиски репрезентативец
„Русија е политички избор, а Катар економски. Спортот на некој начин е губитник по овие денешни одлуки. Сепак, тоа мора да го прифатиме достоинствено“.
ЈАПОНИЈА
Соња Хауард Стрингер, претседател на јапонската кандидатура
„Имавме првенство во 2002 година и очигледно тоа пресуди. Изгледа пред нас беше превисока планина. Можеби прерано аплициравме за ново Светско првенство, но сакавме да му понудиме на светот технолошки совршен шампионат“.
САД
Санил Гулати, претседател на организацискиот одбор на американската кандидатура
„Разочарани сме, работевме напорно и очекувањата беа големи. Цела земја беше со нас. Знам дека стигнавме до завршниот круг и уште повеќе ме боли што не успеавме“.
Барак Обама, претседател на САД
„Мислам дека донесоа погрешна одлука“.
АВСТРАЛИЈА
Марк Арбиб, министер за спорт
„Сите сме шокирани. Гласањето заврши прилично неочекувано, врвно ја одработивме кампањата, дадовме се' од себе, за жал, тоа не беше доволно“.
Лукас Нил, капитен на австралиската репрезентација
„Мислам дека ФИФА погреши. Катар е земја со неповолна клима, таму е ужасно топло. Не сум сигурен дека климатизираните стадиони ќе помогнат. Тоа, сепак, не е вистинско решение“. |