СТИЛ
Од белите патеки на фудбалски терен
Нашиот најдобар фудбалски судија, Александар Ставрев, беше шампион во Македонија во скијање во помлади категории
Миодраг Мицковиќ
Само за три години, откако го доби знакот на ФИФА, нашиот најдобар судија Александар Ставрев се најде во втората група најдобри европски судии. Го замени на меѓународната сцена искусниот Емил Божиновски, напредувајќи со метеорска брзина, освојувајќи ја Европа со своето одлично судење. Не само што се најде во втората група, туку доби и статус како еден од најмладите и најперспективните арбитри на стариот континент, признание што го посакува секој судија.
Годинава речиси беше „распродаден“ не само во Македонија, туку и во Европа, судејќи ги натпреварите за Купот на УЕФА, квалификациите за Светското првенство, Лигата на шампионите...
Интересна е приказната за Александар Ставрев, вистински спортски амбасадор на Македонија во Европа. И не помислуваше дека еден ден ќе биде на фудбалските терени како судија иако го сакаше фудбалот. Неговата прва љубов беше скијањето, белите патеки на скијачката убавица Попова Шапка, Маврово, Пелистер...
И тука, со својата прва љубов, скиите, имаше успеси. Се' до 16 година беше неприкосновен во Македонија во помлади категории, во слалом и велеслалом, пет години републички првак во овие дисциплини, почнувајќи од категоријата цицибани, пионери, помлади младинци...
„Сонував како млад еден ден и јас да бидам дел од тој бел циркус, како што ги нарекуваат најдобрите скијачи во борба за Светскиот куп. Но, наместо на белите патеки, мојата спортска кариера ја продолжив на зелениот терен, но не како фудбалер, не бев толку талентиран да трчам по топката, туку како судија“, ни раскажуваше Ставрев.
„Престанав со скијањето на 16-годишна возраст, бидејќи заминав на школување во САД, таму завршив гимназија, кога се вратив во Македонија, почнав да студирам и поради обврските на факултет, веќе немав доволно време за тренинзи. И така заврши мојата петгодишна кариера како скијач. Но, не жалам, во судењето ја најдов мојата втора љубов“.
Со што Ве привлече судењето?
- Сосема случајно. Отсекогаш сум го сакал фудбалот, не сум пропуштил ниту еден позначаен натпревар во Скопје. За мојата судиска кариера е виновен судијата Крсте Данаиловски, кој во тоа време беше активен на меѓународната сцена и во Првата лига на Македонија. Тој ме убеди да се пријавам на еден судиски семинар, да бидам вклучен во фудбалот, но не како играч и со 19 години го положив судискиот испит и наместо со то��ката, почнав да играм со свирката. И не згрешив.
Се сеќавате ли на Вашиот прв суден натпревар?
- Иако не беше многу значаен, тој не се заборава. Им судев на кадетите на Македонија и Металург во Ѓорче Петров. Имав голема трема, но, сепак, се' добро заврши. На меѓународната сцена првпат се појавив 2006 година, на Европското првенство на млади селекции до 17 години во Луксембург. Го судев мечот меѓу Германија и Белгија. Тоа беше неверојатно чувство за мене, нешто што не се заборава. Судев уште два натпревара на турнирот.
За овие три години често бевте на меѓународната сцена?
- Водам евиденција за секој суден меч, тоа ми прави задоволство. Досега имам судено 543 натпревари во сите категории. Од нив 76 се Македонската лига и 34 меѓународни средби. Од нив 11 на млади селекции, три на „А“, еден меч во Интер тото купот, шест во Купот на УЕФА и два во Лигата на шампионите. Навистина сум задоволен.
Кој Ви беше првиот меч на А-селекции?
- Тоа беше во ноември 2007 година. Го добив најзначајниот натпревар во првите две години откако станав меѓународен судија. Тоа беше квалификации за Европското првенство 2008 година. Делегирањето беше тајно, знаев дека ќе судам и кога, но не знаев на кој натпревар. Три дена пред средбата, добив известување дека ќе судам во Тбилиси, на мечот Грузија - Литванија. Првпат судев пред 40.000 гледачи, невидена атмосфера и пораз на домашната селекција од 2:0.
Кога Ви беше најтешко?
- Мечот меѓу Андерлехт и Бате Борисов во второто квалификационо коло на Лигата на шампионите во Брисел. Сигурно мојот најтежок натпревар што сум го судел досега. Андерлехт, гордоста на белгискиот фудбал, кралски клуб кој годинава славеше 100 години од формирањето. И тоа против еден мал и речиси непознат клуб од Белорусија, Бате Борисов. И што се случи, во Брисел победи Бате Борисов со 2:1. влогот беше голем, учество во групи во Лигата на шампионите. Тензијата беше голема особено во последните 30-ина минути. Андерлехт водеше со 1:0, досудив пенал за гостите и наедно исклучив еден играч на Андерлехт. И, на крајот, во 88. минута, Бате Борисов го постигна победоносниот гол. На стадионот молк, мислев дека гледачите ќе ме проголтаат. Но, тоа траеше за миг, претседателот на Андерлехт лично дојде да ми честита на одлично и храбро судење. Добив и висока оценка од контролорот.
Во Битола на последниот меч во Македонската лига меѓу Пелистер и Ренова покажавте четири црвени и четири жолти картони. На кој натпревар најчесто се фаќавте за картоните?
- Судијата мора да ја штити играта, да не дозволува грубости и војна меѓу играчите на теренот. На средбата во Кичево меѓу Напредок и Ренова покажав десет жолти и два црвени картони. Тоа е мојот неславен рекорд.
Какво е чувството кога знаете дека сте направиле грешка?
- Грешките се нормална појава во судењето, нема судија кој може да суди некој меч без ниту една грешка. Најважно е дали таа грешка ја забележал, дали е голема или не влијаела на резултатот. Но, кога е веќе направена, битно е да не предизвика нова грешка. Добар судија, психолошки добро подготвен знае тој момент да го „заборави“ и да го елиминира до крајот на средбата. Да бидам искрен, не е пријатно кога ќе се погреши, знаете судијата мора во дел од секундата да донесе одлука за некој прекршок. Нема книга да прочита што да прави како судија во судот што треба да донесе пресуда.
Дали некогаш сте биле физички нападнати од играчите, гледачите?
- Една судиска изрека вели: нема судија кој не бил тепан. Се согласувам со неа. Имав среќа што тоа не било ништо сериозно, иако многу пати мојата безбедност и на помошниците била сериозно загрозена. Но, поради задоволството да се суди, тие немили сцени брзо се забораваат. Животот оди понатаму, еден судија кој ќе ја стави свирката во устата, тешко се одделува од неа по цена на секаков ризик.
|