СТИЛ
„Леб и сол“ е алка во синџирот на македонската егзотика
Многу работи се сменија во меѓувреме, но сметаме дека успеавме да ја продолжиме приказната на вистинскиот начин
Јасминка Павловска
Некои можеби продолжувањето на приказната наречена „Леб и сол“ од страна на Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Димитар Божиков ја доживеа како надминување на „табуто“ дека она што било создадено некогаш останало во времето и во легендите. И останало недопирливо! Повратничката концертна турнеја во 2006 година, во полн состав со Влатко Стефановски и Гаро Тавитјан, им го даде поттикнувачкиот импулс на Бодан и на Кокан дека во нив постои инспирација за продолжување на „енергетскиот музички синџир“ на „Леб и сол“. Од тоа прифаќање на предизвикот настана албумот со многу симболики „И така натака“, на новиот „Леб и сол“. Бодан, Кокан и Мичо сега се подготвени својата концертна „лебисоловска“ енергија да ја испорачаат на скопската публика, на 12 декември во „Метрополис арената“ на Скопски саем.
Една година подоцна од постоењето на „Леб и сол“ во формација Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Димитар Божиков, го носи ли името на групата се' уште значењето и аурата на легенда?
Бодан: Неколку пати најавивме и повторивме дека „Леб и сол“ продолжува. По повратничката турнеја во 2006 година, се создаде една еуфорија, една желба кај публиката, која секаде каде што одевме и настапувавме, буквално не' преколнуваше да продолжиме да свириме и да снимиме нешто ново. Во секој случај, постоеше страв, зашто не е практика при повторното собирање на големи бендови, откако ќе направат повратничка турнеја, потоа да работат на нешто ново. Зошто? Веројатно тука се крие стравот дали тоа ќе помине кај помладите генерации. Се радувам зашто се јави храброст кај нас да направиме нов албум. Креативноста не дозволува да се олабавиш. Ако имаш композиција, слика, визија, што да работиш мислам дека е во ред и чесно кон публиката, која го бара да го направиме тоа. Навистина, минатата година, точно на 8 декември, влеговме во студио, во Нови Сад да го снимиме „И така натака“. Беше навистина неизвесно. Песните ги имавме, нешто ги пробувавме тука, во Скопје... и заличуваше на некој формат кој би можел да не' задоволи. Меѓутоа, вистинската музика излезе во студио. Таму, во Нови Сад, останавме до крајот на февруари. Речиси три месеци не излеговме од студио. И кога почна да заличува на „Леб и сол“ , јас бев пресреќен. Реков: филмот е тука, само треба да му се понуди на слушателите. „Леб и сол“ го издаде „И така натака“ и оттогаш сме на промотивна турнеја. Настапуваме, навистина не во континуитет, но речиси низ целиот екс ЈУ-регион. Бевме во Белград. Првата промоција ја направивме во „Сава центар“. Потоа имавме уште пет-шест концерти во Србија. Бевме во Хрватска, во Босна... Сега, по скопскиот концерт, на 12 декември, продолжуваме повторно на една мини-турнеја низ бившите ЈУ-просторите, со тоа што сега ќе биде вклучена и Словенија. Но, тоа не значи дека тука завршуваме со настапите. Продолжуваме и по Нова година, за да ја заокружиме промоцијата на новиот албум со една турнеја низ Австралија, во април 2009 година, првпат во нашата кариера.
Сметате ли дека со албумот „И така натака“ и со турнејата докажавте дека „Леб и сол“ е институција поголема од индивидуалците кои ја сочинуваат? Или, може ли „Леб и сол“ да постои и без Влатко Стефановски?
Бодан: Може, зошто да не! „Леб и сол“ мораше да продолжи. Имаше некои деструкции, некои не сакаа... На одржаните концерти досега ме фасцинираше тоа што има многу млада публика, која ги знае песните од новиот албум. Факт е дека повеќе реагираат на старите песни. Но, добро е што младата генерација не пати по идоли.
Кокан: Овие генерации се разликуваат од нашата. Сакавме и баравме да имаме идоли. Младите генерации бараат енергија. Тие сакаат да им се каже нешто ново. Нив не ги фасцинираат имиња, личности, туку сакаат да им се погоди фреквенцијата на енергијата. Кај нив минатиот труд се докажува со нова добра музика. Тоа отвора простор за нова игра, нови материјали, нови експерименти. Во голема грешка и стапица се влегува ако се мисли дека некој или нешто е еднаш и засекогаш, дека е за вечност.
Мичо: Публиката на концертите доаѓа да ја слушне музиката на „Леб и сол“, без разлика кој е составот. Секој концерт, секој проект е ново докажување.
Успеавте ли со последниот албум, во овој подновен состав да направите творечки континуитет на брендот „Леб и сол“? Направивте ли логично продолжување на музичката приказна, која застана пред десетина-дванаесет години?
Бодан: Навистина многу работи се сменија во меѓувреме, но сметаме дека успеавме да ја продолжиме приказната на вистинскиот начин. Акцентот во „И така натака“ е ставен на првиот „Леб и сол“, оној што работеше во седумдесеттите, осумдесеттите години на минатиот век. Ако го заслушате „И така натака“, најмногу заличува на првите три-четири албуми на „Леб и сол“ - повеќе свиречки ориентиран, поинструментален, само што е спакуван во современа продукција. И слободно можам да кажам дека овој албум е најдобро продуциран албум на „Леб и сол“.
„Леб и сол“ отсекогаш ја продавал македонската егзотика. А егзотиката не е содржана само во музиката, туку и во времето. Самото име на албумот „И така натака“ звучи многу интересно и автентично за секаде околу нас. Многу работи искрени и оригинални, излезени од Македонија, предизвикуваат огромни симпатии надвор. „Леб и сол“ ја започна таа приказна многу одамна и се' уште ја држи. Македонија во своето претставување надвор во однос на културата треба да ја застапува таа автентична егзотика, зашто луѓето во светот ја сакаат. Тоа треба да биде формулата за наша презентација во време на глобализација, кога автентичностите се претопуваат. А колку повеќе се губат и топат автентичности, светот е пожеден за некоја „скриена“ култура со зачувана енергија и препознатливост. „Леб и сол“ е само една алка во синџирот на македонската егзотика.
Може ли „Леб и сол“ со својата музика во овој миг да одговори и да биде прифатена во амбиентот на локалната ограниченост каде што доминира ЈУ-носталгијата, а едновремено да и' парира и на глобализацијата?
Бодан: Не сме надвор од сите тие работи. „Леб и сол“ постои како институција, која функционира во својот домен. Да, „Леб и сол “ има ЈУ- носталгија во себе, или е можеби дел од ЈУ-носталгијата. Не бегаме од тоа. Каде и да отидеме, во Србија, во Хрватска... се чувствува тој момент на носталгија. Но, не застануваме тука. Нека звучи и нескромно, но „Леб и сол“ е најдобар бенд во Европа поради својата автентичност. Свириме на електрични гитари и електрични инструменти, но го носиме екстрактот на нашиот фолклор, секако, виден и обработен со една модерна визија и современ дух, кој го обележува нашето време. Зашто фолклор не е само превртување на музичките теми. Фолклор е начинот на живеење, она што го носиме во генот, па и она што ја поттикнува нашата авте��тична креација.
Кокан: Како и да не' побараат, за нас има место, можеме да ја одбраниме нашата приказна. И на домашен терен, и во некаква ЈУ-носталгија и на глобален план. Токму затоа што сме сигурни во нашата визија, а имаме и одреден и дефиниран творечки став и минат труд.
Во оваа нова обновена фаза на „Леб и сол“, ставот ви е дека свирите секаде. Иако сте голем бенд, за вас нема мали и големи концерти, па без синдромот на ѕвезди, реализиравте една мини-турнеја и низ Македонија...
Кокан: Сакаме да свириме постојано. Желни сме за жива свирка и од тој аспект не' радува трендот на отфрлање на плеј-бекот во настапите. И иако сме докажани и потврдени како бенд, не сме мегаломански воспитани, па само да свириме големи концерти. Прво, ние сме осиромашени за настапи - треба да чекаме еден голем концерт годишно. Еве, сега ќе биде Скопје, па Белград, Загреб... И што ќе правиме потоа. А во нас има многу енергија и желба за контакт со публиката, за размена на енергија.
Бодан: Еве, сега ни се свежи впечатоците од концертот во Штип. На концертот може да се види дека публиката се радува, а тоа е она што нас не' полни. Покрај тоа, добиваме директна информација како не' доживуваат. На концертите што ги свиревме летово во Хрватска, луѓе што и порано не' слушале велат дека тоа било најдоброто што го слушнале од „Леб и сол“. И добро е додека секој нов концерт изгледа како да е најдобар, подобар од претходниот.
Мичо: На живите настапи најдобро се чувствува и нашата искреност во музиката, а и колку публиката искрено не' прифаќа. Во таа интеракција никогаш не може да се глуми и да се лаже. А „Леб и сол“ е бенд кој секогаш искрено и докрај свиречки и' се предава на публиката.
Дали пред скопските концерти ја чувствувате тежината на онаа поговорка - никој не е пророк во својот град? Односно, дали се' уште го имате чувството дека мора посебно да се докажете во својот град?
Бодан: Апсолутно дека секој концерт е ново докажување и нов предизвик. Меѓутоа, овој концерт што ќе се случи на 12 декември, во „Метрополис арената“ во Скопје, ќе биде нешто неповторливо, нешто што нема другпат да се случи, ниту, пак, ќе го има на друго место. Нема да се повтори тој концепт. Гостите, сепак, не би ги откривале, единствено може да откриеме дека ќе бидат луѓето што учествуваа во снимањето на албумот „И така натака“. Ќе имаме и гости - автентични уметници од Македонија, луѓе кои, според мене, се важни и врвни во својата професија, но за кои не можете ни да претпоставите дека би влегле во комбинација со „Леб и сол“. Еве, ќе откриеме дека Дадо Топиќ нема да биде гостин! Тој веќе претходно на тој термин имал договорено настап со неговата обновена група „Тајм“. Иако многу сакаше да ни гостува во Скопје, го спречуваат објективно професионални причини. Концертот, во секој случај, ќе биде спектакуларен: со режија, сценографија... Една урбана приказна за „Леб и сол“. И тој концерт ќе се случи само во Скопје и никаде на друго место!
|