СТИЛ
Сјајот и бедата на митскиот град
Каиро денеска живее распнат меѓу желбите и историјата, бидејќи сегашноста е нешто во кое никој не сака да верува
Сунчица Уневска
Филмскиот фестивал во Каиро главно е лоциран на еден од островите на Нил, кој се наоѓа близу до големата бетонска Кула, едно од обележјата на овој древен град. Гостите на фестивалот, како и сите фестивалски канцеларии, прес-конференции и симпозиуми, беа сместени или се одржуваа во исклучително луксузниот хотел „Софител ел Џезира“, додека отворањето и затворањето на фестивалот се одвиваат во прекрасното здание „Опера хаус“, кое се наоѓа веднаш наспроти познатиот Египетски музеј на современата уметност. На овој остров се наоѓа и една од шопинг-улиците, тука е бизнис-центарот, тука се сместени сите министри, а тука е и спортскиот центар со еден од најпрекрасните и најпространи паркови во градот. Се' на овој остров е многу луксузно, во сите зданија има обезбедување, поради што овој дел во градот важи за еден од најбезбедните. Тука, на самата река Нил, се и рестораните со пет ѕвездички, кои најчесто се лоцирани на бродови. Од сите соби во хотелот „Софител ел Џезира“ се гледаат реката Нил и овие ресторани, секој со свој необичен изглед, од сите соби има таков панорамски поглед што одушевува. Делот каде што е сместено срцето на фестивалот, всушност, е и еден од најбогатите делови во градот.
Токму поради тоа, а и поради ексклузивните услови што ги нуди фестивалот за своите гости, беше вистински шок судирот со другите делови во градот кои се сосем поинакви. Каиро, град кој денеска има над 20 милиони жители, дефинитивно е град на многу екстреми. Бидејќи од овој преубав дел до најсиромашните делови во градот, кои ги има многу и се простираат на огромни површини, разликата е таква што мислите дека не се наоѓате во истиот град. Огромен број население во Каиро, всушност, е многу сиромашно. А и самите тие сиромашни квартови се различни едни од други, од живот на улица до живеалишта што се оградени само со црвена цигла, па се' до познатиот „Град на мртвите“, каде што најсиромашното население живее на самите гробишта во т.н. фавели. Во Каиро, како што слушнавме на симпозиумот за човекови права, три милиони деца живеат на улица. Разликите во овој град, кој се смета за средиште на арапската култура, се неверојатни, но интересно е дека нашите домаќини навистина правеа се' за да го покажат обратното, дека Каиро има и друга страна.
Секој ден гостите од хотелот ги чекаше брод што ги пренесуваше на другата страна од реката Нил во исто така луксузните хотели „Хајат“ и „Четири сезони“, каде што се наоѓаат неколку киносали. Во сите нив ентериерот е фасцинантен, рестораните со поглед на Нил имаат исклучителна атмосфера и секогаш во нив има тивка музика на клавир или на харфа, потоа многу богато опремени книжарници, како и ексклузивни продавници за брендирана облека. Обезбедување имаше насекаде. Истиот брод не' возеше секој ден по два пати на проекции, па назад во хотелот „Софител“ на ручек и на вечера.
А пловењето по реката Нил е своевидно доживување, од една страна, поради чувството што го носи самото сознание за оваа древна река за која се вели дека Египет е нејзин подарок. Тоа е реката која носела живот и која во себе крие таква историја. Од друга страна, пак, на неа можевме да видиме такви бродови што изгледаа апсолутно нестварно. Најинтересниот шок беше бродот кој имаше сосем ист изглед, форма и бои како еден од најубавите бродови на старите Египќани што можеше да се види во големиот Египетски музеј. Реката Нил влегува во срцето на Каиро и таа носи такви приказни. И без оглед на тоа што денес реката Нил е матна и кафена, сепак, тоа не го менува она необично чувство што го имате додека пловите по неа.
Престојот во Каиро беше како од соништата. Но, кога ќе посакате да прошетате по некоја шопинг-улица, или да одите во познатиот Ел Калили базар, или во Долниот град, кој се смета за центар на Каиро, или пак да прошетате до Египетскиот музеј, се судирате со стварноста, бидејќи организаторите на фестивалот не сакаа да одиме сами, туку веднаш ни нудеа шофер и автомобил. На прашањето за тоа дали е безбедно да шетате сами, тие велеа дека нема никаква опасност, дека е безбедно и дека стапката на криминал во оваа земја е многу ниска. Дури објаснувањето беше дека тоа е најверојатно така поради религијата. Но, кога организаторите не' однесоа заедно да го посетиме големиот Ел Калили базар, постојано бевме предупредувани да не се делиме од групата. Таквите објаснувања, сепак, зборуваат дека е подобро да одите со автомобил и низ големото Каиро да не шетате сами.
Каиро навистина е град со неверојатен изглед. Тој рапидно го гради својот нов имиџ. Огромните згради и луксузните хотели никнуваат на двата брега на реката во југоисточниот дел на градот. Во овој дел се наоѓа и големата телевизиска кула, која се смета за симбол на современо Каиро, а која е изградена во 1975 година. Нејзиниот изглед навистина е нешто посебно, таа е во вид на цилиндер, заобиколена е со бетонска мрежа и висока 187 метри, 43 метри повисока од највисоката пирамида во Гиза. Кулата се отвора на врвот и тоа во форма на лотосов цвет. Инаку, лотосовиот цвет и папирусот се симболи на древниот Египет.
Во истиот дел се наоѓа и грандиозната „Опера хаус“, која е во состав на новиот Национален културен центар со повеќе зданија, со прекрасни паркчиња, фонтани, со статуи и споменици. Но, тоа е нејзиниот нов изглед што го доби откако во почетокот на 1970-тите години изгоре и беше обновена во 1988 со јапонска донација. Инаку, старата Кралска оперска куќа потекнувала од далечната 1869 година. Во Каиро има и пет универзитети, од кои најстариот Ал Азар потекнува од 972 година, додека другите четири потекнуваат од 20 век. А интересно е дека во Каиро населението има и посебен однос кон филмот. Како што ни рече прекрасната египетска актерка Далија ел-Бехери, која беше член на главното жири, во Каиро најмногу се гледаат филмови и фудбал. Инаку, во Каиро има 15 филмски студија, годишно се снимаат 360 филмови, а низ целиот град има 40 киносали.
Она што е интересно во овој град е и однесувањето на младите девојки кои многу често можат да се сретнат во киносалите и во музеите, па и во ноќните часови. Необично е што тука многу од жените не се покриени целосно, туку имаат само шамии на главите, а надолу се облечени исто како и ние, во фармерки, во тесни панталони или здолништа, нашминкани, со накит и се' друго. И доколку сакавме да ги сликаме, ист беше случајот и со нив, и тие бараа да не' сликаат. Во секој случај, жените и младите девојки овде, кои многу често шетаа прегрнати со своите момчиња, се обидуваат навистина да живеат современо, онолку колку што можат. На фестивалот имаше многу новинарки и многу режисерки со шамии или без, но образовани, енергични и сериозно подготвени за она што го работат.
Но, сликата се менуваше сосем кога ќе тргневте кон стариот дел на Каиро или кон Гиза, каде што на само 15 километри југозападно од центарот на Каиро се најпознатите три пирамиди и сфингата. На патот кон старо Каиро го видовме најсиромашниот дел во градот, каде што се' се продава на улица (долу на улица, не на тезги), каде што е многу евтино и валкано, каде што условите за живеење навистина се ужасни. За веднаш потоа, кога ќе го поминете овој дел, буквално како на филм, како да гледате различни сетови направени за снимање еден до друг, да излезете во еден сосем друг дел кој на едната страна води кон старо Каиро, каде што се наоѓа исто така познатиот Коптски музеј, а на другата страна се оди кон големиот Египетски музеј, кој во себе го крие целото богатство на древниот свет. Во него се раскажани целата историја и целата култура на древниот Египет и на древните цивилизации.
Токму затоа и не можете да ја сфатите таа сиромаштија во која денес живее населението во Каиро, но и немањето трага од онаа култура која и денес е препознатлива за ова место, но како култура на древниот град, а не на овој денес. Бидејќи денеска од сето тоа во Каиро не може многу да се види. Инаку, и делот што води до пирамидите носи една депресивна безлична слика на идентични градби од црвена цигла и, исто така, ужасно видлива сиромаштија. Државата која толку многу вложува во новиот имиџ на градот, а многу вложува и во овој фестивал, чија цел е да покаже некое ново лице на оваа земја, не вложува многу за да им помогне на сиромашните. Како што ни кажа египетскиот колега, државата вложува само ако некој сака да гради станови, но не и да им даде бесплатни станови на сиромашните или некои којзнае какви поволности. Единственото што државата го прави за сиромашните е донирање во производството на еден не многу вкусен карактеристичен египетски леб, кој им е достапен и на најсиромашните.
Сјајот и бедата во Каиро се неверојатни. Не затоа што ги има, не затоа што разликите се големи, не затоа што богатството е во рацете на само мала група луѓе, туку затоа што овие разлики се толку екстремни што дури се и неверојатни. Таа слика која, всушност, е доминантна во Каиро не може да се скрие, без оглед колку и да се вложува во некој негов нов замислен имиџ. Колку и да сте заштитени, колку и се' да е организирано на високо ниво, како што беше за фестивалските гости, не може да се избегне непријатното чувство кога ќе ги видите нечовечните услови во кои најголемиот дел од населението живее овде. Стравот на организаторите за сигурноста на гостите говореше и за степенот на безбедност, а создаваше и чувство на непријатност. Но, она што е најжално во сето тоа е сознанието дека едно такво големо место, една од најстарите цивилизации и една од најнапредните култури некогаш, земјата што носи толку богато наследство во себе, денеска живее распната меѓу желбите и историјата. Бидејќи стварноста, односно сегашноста е навистина нешто во кое вие не можете да верувате, а тие не сакаат. |