Стил: Пелистер
Пелистерски очи од солзите на вљубените сестри
Кога ќе ги здогледате пелистерските очи, нема да можете да се одлучите кое е поубаво
Светлана Петковска
Поради конзулскиот имиџ на градот Битола, во приказните за него некако во втор план доаѓаат природните убавини со кои е обиколен. Од едната страна пред Битола се простира Пелагониската Котлина, а од другата се планините Баба и Ниџе. Идеални места за планирање и за бегство, барем за момент, од реалниот свет. Свет што личи на рај, како да не се наоѓате на Земјата.
Најголем врв на планината Баба е Пелистер, на чии падини е изграден Национален парк, каде што се наоѓаат хотелот „Молика“ и планинарскиот дом „Копанки“. Но, она што го има Пелистер како дополнителна убавина, резервирана само за амбициозните планинари се двете глечерски езера, наречени пелистерски очи, или познати уште како горски очи. Во овие води се кријат сите тајни на минатото, сегашноста и иднината, кои се инспирација за на многубројни планинари. За тоа говори и фактот што секоја година, особено за време на летниот период, пелистерските очи се набљудувани од илјадници љубопитници. Домашни и странски туристи од целиот свет, од Чешка, Полска, Англија, Бугарија, Словенија... Доказ дека убавината на овие две езера не е само бајка зборува и податокот што заедно со пештерата Врело и Охридското Езеро беа ставени на листата за седумте чуда на природата од страна на Македонскиот комитет за номинација, поддржан од Министерството за економија.
Не можете да кажете кое е поубаво и поживописно - дали Големото Езеро, во кои се огледуваат снежните венци на Баба или, пак, е Малото Езеро, од кое жедните диви коњи пијат студена вода чиста како солза.
Големото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.218 метри, долго е 233 метри, а широко 162. Неговата длабочина достигнува 14,5 метри. Надморската височина на Малото Езеро е 2.180 метри, долго е 79, а широко 162, исто како и Големото. Но, длабочината на Малото Езеро е помала и таа изнесува 2,6 метри.
Пелистерските очи имаат своја легенда за настанувањето. Таа вели дека езерата се создале од солзите на двете сестри кои биле вљубени во убавото момче Пелистер. Но, нивната мајка не дозволувала ниту една од нив да се омажи за момчето. Во бес ги испратила в планина и ги проколнала да бидат блиску една до друга, но, сепак, да не можат да се видат. Талкајќи низ шумата, едната сестра дошла до местото каде што сега се наоѓа Големото, а другата Малото Езеро. И двете скршени од болка по несудената љубов, почнале да леат солзи. И двете пролеале толку многу солзи што од нив се создале двете прекрасни езера.
На Големото Езеро се наоѓа планинарскиот дом „Димитар Илиевски-Мурато“, во чест на првиот Македонец што се искачи на Монт Еверест на 10 мај 1989 година. Домот е на два ката, на долниот се кујната и трпезаријата, додека на горниот се собите за ноќевање, со капацит��т од 60 до 70 легла. Цената на ноќевање изнесува од 100 до 200 денари, а за странците - 300 денари. Туристите сами си приготвуваат храна.
Планинарскиот дом со полн капацитет работи од 9 мај до 1 ноември. Во зимските месеци е затворен, со исклучок за гости со посебна најава, кои пристигнуваат по одредени патеки. Новото раководство на домот најавува дека за една година домот ќе се реновира. Тоалетите ќе добијат нов изглед, а старите легла ќе бидат заменети со нови. За секој што сака да ги види убавините на пелистерските очи може да се обрати до раководството на планинарскиот дом „Пелистер“, кој организира тури составени до десет луѓе, со туристички водич.
До Големо Езеро се стигнува по осум патеки. Првиот патен правец што се смета за најлесен е со тргнување од Нижеполе, по Дебел Рид и преку него се стигнува за 3-4 часа пешачење. Втора варијанта е со тргнување од Нижеполе, па по течението на реката Сапунчица, а времето е исто. Доколку тргнете од Нижеполе, па поминете по Црвена Река ќе стигнете за 3-4 часа. Но, она што ја разликува оваа патека од останатите е што прво преку него се стигнува до Малото, а потоа до Големото Езеро.
Ако наместо од Нижеполе тргнете од Копанки по широката шума, ќе пристигнете за 6-7 часа, а доколку наместо низ шумата тргнете по Камењарот, ќе ви требаат околу 5-6 часа пешачење. Но, Камењарот се препорачува за користење само во лето, додека наесен е опасно поради лизгањето на земјиштето и големите вдлабнатини.
Доколку се одлучите да тргнете од пелистерското село Маловишта, преку преминот Кадро, Двата Гроба до Големо Езеро се стигнува за 8-9 часа пешачење. Преку селото Лавци, планинарскиот дом „Неолица“, Стрково, Муза исто се потребни 8-9 часа.
Осмата варијанта е од селото Брајчино, па преку врвовите ’Ржана и Суце, Голема Грива и Мала Грива за 6-7 часа пешачење се стигнува до Големото Езеро.
Во водите на пелистерските очи има посебен вид пастрмка - пелистерската поточна. Но, ловот е забранет. Мечките, волците, дивата коза, лисицата, зајакот се постојани жители, а од птиците - црвеноклунестите чавки, кои ги има само на Пелистер. |