Дебата
Политиката и моралот
Бранко Тричковски и Кирил Темков
Каква е врската меѓу моралот и политиката и колку е морална политиката кај нас. Дали политичарите имаат образ?
ТРИЧКОВСКИ: Сергеј Георгиевич Кара - Мурза ја користи приказната за бубачките "ломехуза" за да ја илустрира тезата за манипулацијата со свеста кај луѓето. Познатиот руски хемичар утврдил дека мравките ја пренесуваат подготвеноста за солидарна помош така што на посебен начин чукаат по оклопот на своите собраќа. Тој систем функционира фантастично се' додека бубачките од сортата "ломехуза" не се сетат да ги јавнат мравките. "Ломехузите" ги прават истите гестови и така ги тераат мравките да работат за нивна сметка. Бубачките исфрлаат и некакви секрети од кои мравките го губат "здравиот разум", односно почнуваат да ги жртвуваат и своите ларви само за да ги нахранат паразитите што ги носат на своите грбови.
Каде живеат македонските "ломехузи"? Кој чука врз нашиот грб? Кој го заебава нашиот одбранбен систем? Дали господинот Ко Це или господинот Ми Ле се бубачки врз нашите грбови што ја цицаат нашата крв додека ние мислиме дека не' масираат? Каква бубачка е господинот премиер. Дали тој човек ја репрезентира сортата на "ломехузите"?
Оставката кај нас не е чин на одговорност, туку дел од општествениот спектакл со чија помош власта ја врши својата репродукција. И општествената занимација со таа тема е своевидно алиби затоа што идејата на јавната расправа не е да се утврди кој и каде згрешил, туку во таа расправа да се префрли одговорноста за сопствената несреќа. Нам ни е сеедно дали Миле Јанакиевски ќе поднесе или нема да поднесе оставка, нам ни е важна дебатата за одговорноста која никогаш нема да се допре до клучното прашање: како, бе, тој Миле дошол на таква функција?
Затоа што ќе утврдиме дека за една вреќа брашно некоја будала во некоја безврска општина гласала за талентот на Никола Груевски. А богами, гласал и за самиот Нико Ла.
Македонија немаше граѓанска структура во која можеа да се преточат општествените одговорности по крахот на комунизмот. Од 1990 година наваму државата е полигон на кој се вежбаат револуционерните потенцијали на лумпенпролетеријатот и на џганот. Повеќепартизмот не е инструмент на слободата, туку калауз со чија помош селските мангупи станаа тајкуни ограбувајќи ја општествената каса.
Едно време бевме робови на моралноста што од денешен аспект можеме да ја одредиме како проблематична, а сега сме робови на слободата од таа моралност. Живееме во свет што е совршено ослободен од тие категории. Најхендикепираните луѓе во процесот на транзицијата испаднаа оние што не беа подготвени да направат компромиси со категориите на моралноста во своите реализации.
Успехот е единствен критериум на животната реализација на луѓето. Реализацијата на тој принцип не мора да се судира со принципите на моралноста, но најчесто се случува така. Сведоци сме на еден коперникански пресврт во овие работи, при што не се поставува прашањето за моралноста на нечиј успех, туку успехот сам по себе се посматра како врвен морален чин. Неуспехот не е само работа што трпи вакви или онакви материјални измерувања, туку е категорија која се изразува низ најстрогите морални стандарди на новото време: неморално е да си неуспешен. Тоа е како да си сакаат, да не гледаш на едното или на двете очи, да имаш мал пенис или цицки под мерката три итн.
Македонија се оддалечува од системот на заедничките вредности што ја дефинираа како државна и национална целина. Не сме во некоја историска фаза во која се гради некаков нов систем на тие релации, туку сме во завршната фаза на распаѓањето на стариот систем. Тешка некоја празнина.
ТЕМКОВ: Политиката денес не е можна без нагласен морал. Првин овој став го поставив во прашална форма. Но, кога размислив, го отфрлив прашалникот, дури сакав да ставам извичник, бидејќи денес е бесмислено да се води политика која нема етичко образложение, морални тенденции и доблесни морални резултати. До скоро философите укажуваа дека борбата за власт, личните цели, итроштината, превртливоста и манипулативноста се карактеристики на политиката и дека ништо не се менува во таа макијавелистичка област. Чудно, природата се побуни и опасностите за здравјето и за животната средина, како и стравот од конфликтите го натераа човекот да почне да мисли дека мора да го смени однесувањето во сите полиња за да може да се живее успешно и сигурно. Не станува збор за освојување придобивки за себе и за надминување на другите, дури за владеење над нив, туку сега е неопходно сите луѓе да се сплотат за да ги реализираат веќе сознаените нужни морални претпоставки за опстанокот и контролираниот развиток. Уште има будали кои мислат дека можат да живеат со искористување на другите, односно си мислат дека по нивната смрт или сменување од власта, може да дојде и потопот. Тоа не е позиција на нормалните луѓе, на оние кои се заинтересирани за човештвото, за своите и за другите деца, за добар помин во идните години и столетија во кои генерации треба да живеат добро и слободно барем колку и ние. А тоа е задача на политиката. Така политиката повторно стана морална.
Зошто повторно? Затоа што многу пати досега во историјата, иако имало и војни, и злосторства, и ропства, и манипулации, сепак, имало и периоди на добри владетели и умно заедничко однесување. Не можеме тука да ги набројуваме тие форми, но и во антиката, која ни е најблиска според сфаќањето на суштината на човекот, етиката и политиката биле конципирани и оценувани со исто етичко мерило, а во Стариот Завет, или во учењето на Исус Христос, или на Заратустра, или на Лао Це, или во Коранот и во учењето на Мухамед, водењето на заедницата е објаснувано како етичка цел и проследено со низа морални задачи. Затоа треба подобро да се учи историјата, па сликата за човечките односи и за заедницата да не биде градена само врз укажувањето на страшните злосторства, тврдејќи дека се нужност, туку со развивање на благонаклонетата хуманистичка визија на разбирањето, заедничката опстојба и соработката.
Впрочем, новите вредности поврзани со политиката се многу етички во својата суштина. Тоа се мир, ненасилство, демократија, толеранција, солидарност, соработка, заштита, колективна безбедност, заемна грижа за страдањата, болестите и неизвесностите итн. Основното е како се развиваат човековите права, како нова смисла на човечката егзистенција (со усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права во 1948 година започна новата ера, во која етиката и политиката нагласено одат заедно). Има уште многу автократи, диктатори, узурпатори, убијци на чело на нациите, се случуваат безброј злосторства и криминални дејства, се чини дека се најважни токму таквите силни кои немаат ум, ни желба, ни волја да се противстават на лошото политичко дејствување. Корупцијата цути, има растурени држави, во насилничките системи личноста и правдината се ништо, има држави во кои нема слобода ни еднаквост иако се говори за нив, има многу негативни активности кои од политиката прават сомнителна и гадна дејност. Тоа не е илузија, тоа и кај нас се развива во голем степен. Но, тоа е отстапување од нормалниот и значаен тек во современоста. Во таквите земји страдаат луѓето и злобно може да дофрлиме - нека им биде така ако не можат и не знаат да се изборат за ред и демократија. Меѓутоа, ќе страдаат и нивните д��ца, а ќе пропаѓаат, исто така, и децата на владетелите во таквите нации, бидејќи животот никого не го остава неказнето да навредува и уништува други и да му се заканува на светот. Нема зло кое не носи страшни последици.
Моралот е нужна димензија на политиката денес. Според моралот се ценат водачите (кои привремено добиле шанса да прават нешто за својата заедница, што е дефиниција на демократијата), неморалот ги води во пропаст и нивните земји, и таквите недоквакани водачи и нивните најблиски. Идеалот на Иди Амин да може слободно да убива и да јаде кого сака не е актуелен. Политичарите бегаат од него, зашто нивната нација треба да има придобивки од добрите дела. Подобар пример е Мајка Тереза - без оглед што Тито не ја сакаше како противкандидат за Нобеловата награда, а го љубеше Иди Амин. Затоа денес од политичарот се очекува да постапува добро, разумно, со знаење, со разбирање со сите граѓани и соработници од странство, со правење добро (тој е во служба на државата и на луѓето). Моралот, истакнување на својата личност како најдобра за таа дејност во тој миг во нацијата е мерата на вредноста на политичарот. Сето друго се само привремени измами.
|