Македонија официјално во рецесија
Дел од експертите очекуваат пад на БДП и во третиот и во четвртиот квартал од годинава
Александрија Стевковска
Македонија официјално влезе во рецесија, откако и во второто тримесечје од годинава забележа пад на економијата од 1,4 отсто, објави вчера Државниот завод за статистика, еден месец откако сите други земји ги објавија економските параметри за вториот квартал. Бидејќи во два последователни квартала економијата оди во минус, првото тримесечје 0,9 отсто и сега во второто 1,4 отсто, тоа автоматски значи дека земјава веќе и официјално е во рецесија, што само ги потврди предвидувањата на експертите. Тие со месеци укажуваа дека и нашето стопанство, по примерот на останатите земји во светот, ќе загази во рецесија.
„Статистиката со објавениот минус на економијата во вторите три месеци од годинава од 1,4 отсто само го потврди нашето укажување дека земјава е во рецесија. Главни виновници за тоа се кризата, но и високата споредбена основа на кварталите за БДП од минатата година, која бележеше високи стапки на раст. Логично и повеќе од јасно беше дека Македонија е во рецесија, бидејќи опадна активноста во индустријата, се намалија потрошувачката, но и платите. Нема инвестиции, паѓа увозот, но уште повеќе извозот“, вели Мирољуб Шукаров од ЈИЕ.
Според него, на македонската економија црно и' се пишува и наредните два квартала од годинава, бидејќи се' уште нема никакви знаци за економско заздравување. „Македонската економија може да излезе од минус за време од три до четири месеци откако на нозе ќе застанат економиите на традиционалните трговски партнери на земјава, а тие се далеку од тоа. Тоа значи дека земјава и во третиот и во четвртиот квартал ќе има негативни стапки на економијата, наспроти најавите дека четвртиот квартал ќе забележи позитивен економски раст. Рехабилитирана стапка на БДП во четвртото тримесечје нема да се оствари, бидејќи се' уште нема економско раздвижување, а и стапката од два отсто на БДП во истиот период минатата година, сепак, е висока споредбена основа“, смета Шукаров.
Слично, но пооптимистичко видување на економските состојби има аналитичарот Ден Дончев, кој, исто така, се наврати на своите посочувања во изминатиов период. „Фактот дека земјава е влезена во рецесија е само потврда на укажувањето на сите што подлабоко ја анализираа состојбата со македонската економија. Значи, официјално сме влезени во рецесија, но прашање е што не' чека понатаму? Очекувам пад на економијата и во третиот квартал, но можно е тој да биде поблаг од сегашниот пад, поради заздравувањето на светските берзи на метали, кои се наш главен извозен адут. Растот на извозот нема многу да оди нагоре, бидејќи иако цените на металите растат, сепак, побарувачката за нив опаѓа. Верувам дека падот во третиот квартал ќе се движи од минус еден до минус 1,5 отсто“, најавува Дончев.
Според статистичарите, негативата на БДП во вторите три месеци од годинава се должат на драстичното намалување на увозот на стоки и на услуги од цели 28,5 отсто, но и поради падот во секторите за вадење руди и камен, за преработувачка индустрија и за снабдување со електрична енергија, гас и вода од 13, 6 отсто. Рапидното паѓање на БДП во амбисот на минусот произлегува и од намалувањето на финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции, кои им служат на домаќинствата, за 3, 6 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 72,8 отсто.
Единствено раздвижување во стопанството во април, мај и во јуни било забележано во секторите за градежништво, каде што имало раст од 10,8 отсто и за јавна управа и одбрана, за образование и за здравство и социјална работа од 4,1 отсто, што покажува дека само уште на државата и' оди добро во овој кризен период.
Рецесијата беше тема околу која се концентираа и обраќањата на пратениците во Комисијата за финансирање и буџет. Опозиционите претставници побараа преку амандмани, кои сакаат да се вградат во ребалансот на Буџетот, Владата да му помогне на стопанството, но и на граѓаните.
Според Јани Макрадули од СДСМ, прогласувањето на рецесија значи дека Министерството за финансии треба да подготвува трет ребаланс, а за неговиот сопартиец, Марјанчо Николов, тоа значи палење на црвената светилка и сигнал дека Владата треба да се мобилизира и да му помогне на стопанството што е погодено од кризата.
Владата прво одбиваше да признае дека земјава ќе загази во негатива, за потоа, притисната од реалните случувања во економијата, со тешко срце да најави дека земјава ја очекува рецесија, но чекаше и статистика тоа официјално да го потврди за да преземе мерки за санирање на состојбите.
Се огласи и премиерот Никола Груевски. „Можам да кажам дека нашите очекувања и пресметките беа дека тој пад ќе биде поголем во вториот квартал и ќе изнесува околу два отсто и на база на тоа ние ја работевме годишната проекција на БДП. Но, ете излезе дека вториот квартал е помалку лош отколку што предвидовме. Очекуваме третиот квартал да биде подобар, но веројатно се' уште во зоната на минусот. Во четвртиот квартал очекуваме излегување од рецесијата и, секако, зголемување на производството. Тоа значи дека податокот за падот на БДП не е изненадување, туку е и подобро од тоа што очекувавме“, изјави вчера премиерот Никола Груевски, коментирајќи го падот на БДП во вториот квартал. Тој, сепак, најави дека Владата продолжува со имплементацијата на антикризните мерки и очекува годинава да се заврши со минус од 0,6 отсто. „Доколку биде така, ќе бидеме една од државите во Европа со најмал пад на годишно ниво“, смета Груевски.
Според Владата, падот во третиот квартал ќе биде поблаг и ќе достигне минус од 1,2 отсто. Власта во земјава очекува заздравувањето на македонската економија и нејзиното излегување од рецесијата да почне во последниот квартал од 2009 година, за кога е проектирана позитивна стапка на раст од 1,7 отсто. „Тоа е резултат на одложеното влијание на заздравувањето на европската и на американската економија и постепено враќање на инвестицискиот оптимизам кај фирмите и домаќинствата“, објасни министерот за финансии, Зоран Ставрески, за време на образложување на последниот буџетски ребаланс.
|