На победа и во Унгарија
Македонската кошаркарска репрезентација вечерва во Шолнок пред важен меч за пласман на ЕП 2011
Сашко Ѓ. Димовски
За македонската кошаркарска репрезентација нема одмор ова лето. Веќе вечерва ќе гостува во Шолнок кај селекцијата на Унгарија, последнопласирана во квалификациска група Б, за пласман на Европското првенство во Литванија во 2011 година. „Сами ја креираме нашата судбина“, рече селекторот Марин Докузовски пред поаѓање за Унгарија. Математики не прави бидејќи, како што вели, есапот дома и на пазар не е ист.
Затоа одиме на победа и во реваншот со Унгарците и нема да дозволиме учеството на евро-баскетот догодина да ни зависи од расплетот во останатите две групи и да „виси“ до последното коло. Евентуален триумф вечерва ќе значи, речиси, сигурно место на ЕП 2011.
Момчињата што ги селектира треба да издржат во мисијата, и покрај тешко издржливото темпо на натпревари, колку за државата, толку и за нив самите за да не го прокоцкаат сето она што досега го градеа во петте средби. Пред нив се три важни, ако не и клучни, дуели. По вечерашниот со Унгарија, ќе следува возвратната пресметка со Велика Британија на домашен терен и на крајот на гости кај тимот на БиХ. Од тие причини олабавување не смее да има како што не смее да се вивнеме во облаци дека пласманот е осигуран и со потценување да се пристапи во предизвиците што следуваат. Мора да се задржи вниманието, концентрацијата, посветеноста, мора да се истрае во желбата, по Полска, Европа да не види и во Литванија. Само така репрезентативците ќе уживаат во сработеното во оваа кампања, ќе бидат горди на себе, а ќе ја направат горда и нацијата што ги има нив.
Во позадина се четири победи во петте одиграни натпревари. Заморот веќе ги стигнува кошаркарите, а дополнително оптоварување може да предизвика и психолошкиот момент кој ќе биде се поприсутен како што се наближува крајот на квалификациите. Свесни се дека пред себе во Шолнок ќе имаат тешка задача. Ќе бараат победа со противник кој е веќе отпишан, кој ќе игра растоварено и кој нема што да загуби, а таквите знаат да бидат опасни. Минаа едно такво искуство во вторникот во салата „Борис Трајковски“ против репрезентацијата на Украина. Се надеваме дека со идентичен епилог ќе ја надминат и оваа станица, резултатски, се разбира, дека ќе го задржат победничкиот дух за хепиенд на приказната ЕП 2011 година. Тоа го можат Гечевски, Антиќ, Самарџиски, МекКејлеб, Соколов, браќата Стојановски и останатите во нашата кошаркарска репрезентација. |