Валдано ја отвора распродажбата во Реал
Со доведувањето на Месут Озил, Реал заврши со засилувањата во овој преоден рок, а за преостанатите две недели, очигледно, е закажана распродажба.
Хорхе Валдано изјави дека „кралскиот клуб“ има премногу играчи, како и оти нема да биде продаден ниту еден Шпанец.
„Имаме 26 играчи и мораме да го намалиме тој број. Оваа одлука не се однесува на шпанските играчи“, изјави Валдано за „Марка“. Изјавата на Валдано беше сигнал медиумите да почнат со лицитирање на имиња, а на таа листа се Рафаел ван дер Варт, Фернандо Гаго, Ласана Дијара и Мамаду Дијара.
Аргентинецот Гаго е најблиску до заминување, по ангажманот на Сами Кедира, а и Лас би требало да е на трансфер-листата и тоа за цена од 15 милиони евра. Ван дер Варт би можел да биде уште еден „несакан Холанѓанец“ и жртва на многуте играчи околу средината на теренот, а на Дијара договорот му завршува на крајот на сезоната. |