Надал, Ѓоковиќ и Федерер без проблеми во Синсинати
Второто коло на АТП-турнирот од Мастерс серијата 1000 во Синсинати не понуди големи сензации. Првите шест носители изборија пласман во третото коло, меѓу нив и три најдобри светски тенисери, Рафаел Надал, Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ го победи својот сонародник и пријател Виктор Троицки со 6:3 и 7:5, со што стигна до четвртата победа во петиот меѓусебен дуел. За Ѓоковиќ ова беше јубилејна 100. победа на турнирите од АТП- Мастерс серијата (вкупен скор 100-36). Финалистот во Синсинати во последните две години (пораз од Мари во 2008 и од Федерер во 2009) минатата недела на Роџерс купот во Торонто загуби во полуфиналето од Федерер во полуфиналето, а последната титула ја освои во Дубаи во февруари.
До 35. победа во последните 37. меча Рафаел Надал стигна против Американецот Тејлор Дент со 6:2 и 7:5. Иако Надал во вториот сет губеше со 2:4, успеа да се врати и да направи пресврт, а во 3. коло ќе игра против Французинот Жулијен Бенето, кој со 6:4 и 6:2 го совлада Швајцарецот Станислав Вавринка.
Роже Федерер имаше лесен пат до 3. коло откако неговиот противник, узбекистанскиот квалификант Денис Истјомин му го предаде мечот по само 28 минути игра. Во тој момент Федерер водеше со 5:2.
Веројатно најголемото изненадување го приреди Марди Фиш кој го совлада осмиот носител Шпанецот Фернандо Вердаско 7:6 (1) и 7:6 (4). Фиш моментално е на 36. место на АТП-листат, а оваа победа му е трета во вкупно четири меѓусебни пресметки со Шпанецот.
АТП, Синсинати, 2. коло, поважни резултати:
Надал (1) - Дент 6:2, 7:5, Бенето - Вавринка 6:4, 6:2, Федерер (2) - Истјомин 5:2 (Истјомин предаде), Давиденко (6) - Гинепри 6:2, 6:7 (5), 6:2, Фиш - Вердаско (8) 7:6, 7:6, Мари (4) - Жарди 6:3, 6:7, 6:2, Содерлинг - (5) - Хјуит 4:6, 6:3, 7:5, Родик (9) - Де Бакер 7:6, 6:4, Налбандијан - Иснер 4:5 (Иснер предаде), Ѓоковиќ (3) - Троицки 6:3, 7:5.
КлаЈстерс тешко, Сафина врза
две победи
Русинката Динара Сафина, некогаш најдобра, а денес дури 70. тенисерка во светот, полека се враќа во форма по долготрајното закрепнување од повредата на грбот. Тоа го докажуваат и двете кола на ВТА-турнирот во Монтреал. Откако во 1. коло ја победи Германката Андреа Петковиќ, во 2. коло беше подобра од 18. носителка, својата сонародничка Петрова со 7:5, 4:6 и 6:4.
Сафина во Монтреал во 2008 година го освои насловот. „Добив меч во три сета после подолго време. Се борев и не се откажував. И двете игравме добро, но јас победив, што на крајот на денот за мене е најубава работа“, коментираше Сафина, која во третиот сет губеше со 4:1, а потоа освои пет гема во серија.
Во останатите мечеви немаше поголеми изненадувања, а минатонеделната победничка во Синсинати, Ким Клајстерс се мачеше против Американката Бетани Матек - Сандс победувајќи со 4:6, 6:4 и 6:3. |