Виталиј Кличко ќе ја брани титулата против Шенон Бригс
Украинскиот боксер Виталиј Кличко ќе ја брани титулата светски шампион во тешка категорија во верзијата ВБЦ против Американецот Шенон Бригс во октомври во Хамбург.
Во соопштението на менаџерскиот тим на Кличко се наведува дека мечот ќе се одржи на 16 октомври во Хамбург, така што Украинецот повторно ќе боксува во Хамбург по 11 години, град во кој со своето семејство живее од 1996 година.
„Среќен сум што повторно ќе боксувам во Хамбург, градот во кој ја почнав професионална кариера. Шенон Бригс не е голем само на зборови, туку и во рингот и ќе биде тежок противник. Тој е поискусен од мене, боксувал повеќе професионални мечеви и е еден од најсилните удирачи во тешка категорија. Добро ќе се подготвам со тренерот Фриц Сдунек“, наведе во соопштението Кличко.
Виталиј Кличко (39) во 42 меча има 40 победи, од кои 38 со нокаут. Тој е четврти боксер, покрај Мохамед Али, Ивандер Холифилд и Ленокс Луис, кој три пати ја освојуваше титулата во тешка категорија.
Шенон Бригс (38) во 58 меча има 51 победа, 45 со нокаут и еден нерешен резултат. Тој од 2006 до 2007 година беше светски шампион во верзијата ВБО.
„Долго време се обидувам да стигнам до меч со Кличко. Кога ќе влезат во ринг, повеќето негови противници се смртно исплашени. Ќе го притиснам и ќе се бориме. Кличко може да ужива во својот шампионски колан уште неколку недели, затоа што по 16 октомври тој ќе биде мој“, изјави Бригс. |