Рестартирање на млекарницата во Прилеп
ПРИЛЕП - Прилепската млекарница ги рестартира своите капацитети. По петмесечна пауза, од понеделник ќе почне со откуп на 10.000 литри млеко дневно од млекопроизводителите во Пелагонискиот регион. „Млекото ќе се презема по просечна цена од 15 денари за литар. Доколку сточарите навистина имаат поквалитетна подготовка на млекото, тогаш ќе можат да постигнат цена и до 18 денари. Со сите кооперанти ќе склучуваме договори за откуп, а исплатата ќе се врши во рок од 30 дена од денот на откупот“, најави Сашо Дранго, извршен директор на млекарницата, чиј доминантен сопственик е битолската фирма „Еуроекс“. Технолошката линија е во одлична кондиција, велат менаџерите. Затоа ќе започне и производство на бело и биено сирење. Во почетокот ќе бидат вработени 30-ина од поранешните работници. Од млекарницата најавуваат извоз за австралискиот пазар. „Најдоцна за два месеца ќе
биде извезен првиот контингент од околу 30 тони бело и биено сирење за австралиската фирма ‘Марко Поло‘, чии сопственици се бизнисмени од македонско потекло“, објаснува Дранго. (Мн.Т.) |