Првиот човек на „Џенерал моторс“ поднесе оставка
На Вагонер му се забележуваше што, и покрај добиените државни пари, лошо ја менаџирал компанијата
Вашингтон - Извршниот директор на американската автомобилска компанија „Џенерал моторс“, Рик Вагонер, поднесе оставка по барање на претседателот на САД, Барак Обама, кој вчера требаше да го соопшти планот за спас на автомобилската индустрија. Со него е предвидена поголема финансиска помош, под строго определени услови.
„Од Вагонер беше побарано да поднесе оставка во рамки на реформите во ’Џенерал моторс‘ и тој се согласи“, објави „Њујорк тајмс“, кој цитира извор од Белата куќа.
Вагонер беше директор на компанијата веќе осум години и за многумина симбол на раководител кој не успеа да ја приспособи најголемата автомобилска компанија кон реалните потреби на времето и да одговори на очекувањата на Американците, кои бараа помали и поекономични возила, наведува АФП. На првиот човек на „Џенерал моторс“ му се забележуваше и тоа што, покрај претходно одобрените пари, лошо ја менаџирал компанијата, преземајќи краткотрајни деловни потези, кои дополнително ја вовлекуваат компанијата во криза.
Според одделни медиуми, него ќе го наследи Фриц Хендерсон, досегашен финансиски менаџер и шеф на европскиот оддел на „Џенерал моторс“.
Инаку, со новите мерки на Обама, покрај „Џенерал моторс“, ќе биде опфатен и „Крајслер“. Овие две компании, кои бележат 50 отсто пад во продажбата на автомобилите, од американската влада веќе добија поволни заеми во вредност од 17,4 милијарди долари, а побараа дополнителни 21,6 милијарди.
Претседателот Обама ја услови финансиската помош за „Џенерал моторс“ со замена на досегашното раководство и изработка на нов план за санација во рок од шеесет дена. „Крајслер“, пак, ќе добие пари за триесет дена, а за возврат треба да склучи договор со „Фијат“.
Инаку, советот на вработените на германскиот автопроизводител „Опел“ ја поздрави смената на шефот на мајката-концерн. Ваков чекор одамна се очекуваше, изјави претседателот на советот, Клаус Франц. Раководството на компанијата, пак, засега нема заземано официјален став. (Според агенциите) |