Шарпланинско јагне на италјанските трпези
Гостивар - Гостиварската кланица „Горни Полог - ГВ“ со традиционалните италјански партнери има склучено договори за извоз на 30.000 јагниња, што треба да се реализира во наредниве десетина дена. Извозот почна пред неколку дена и со специјални возила- ладилници, веќе се пласирани околу 10.000 јагниња.
Во гостиварската кланица сите активности се подредени за извозниот аранжман успешно да се реализира. Дневно се откупуваат, се колат по околу 5.000 јагниња и се подготвуваат за извоз. „Побарувањата од италјанските купувачи за шарпланинското јагне се многу големи. Тоа е деликатес и задолжително го има на италјанските софри“, вели Рајко Максимовски, косопственик на гостиварската кланица. Според него, над половина век од гостиварската кланица традиционално се извезуваат шарпланински јагниња на пазарот во Италија.
Максимовски нагласува дека пред католички Велигден побарувачката е многу голема, меѓутоа понудата на квалитетно јагне со бараната тежина е мала. Сточарите, како што додава тој, не водат сметка дека за т.н. пролетен извоз на јагниња за Италија, каде што тежината на живо јагне треба да се движи меѓу 18 и 20 килограми жива мера, односно чисто јагне со тежина меѓу 8 до 10 килограми.
Пролетва се планира извоз на јагнешко месо во Хрватска и во Грција, а поголеми количества очекуваат да пласираат и на домашниот пазар. Гостиварската кланица планира да ги откупи сите понудени јагниња за продажба од поширокиот гостиварско-мавровски и рекански крај, како и од други региони на државата.
Сточарите се жалат на ниската откупна цена која се движи меѓу 135 и 140 денари за килограм живо јагне, што е за околу 20 отсто пониска во споредба со истиот период минатата година. Извозниците велат дека килограм јагнешко месо на Италијанците го продаваат по 4,80 евра. Тоа е причината што годинешната откупна цена е пониска од лани. Трговците ветуваат дека доколку успеат да остварат поголема извозна цена, ќе ја зголемат и откупната цена на живото јагне. (К.К.) |