Мислења
Екран за разбирање и за спојување Хисен Рамадани
Широката употреба на македонскиот јазик на Алсат-М е од особено значење за македонските гледачи и за другите заедници кои не знаат албански
Телевизија Алсат-М со статус национална телевизија на Македонија постои од пред три години. Со својата програмска ориентација и начинот како се реализираат емисиите, претставува позитивен пример кој заслужува внимание и аналитичко опсервирање. Сакам во ова прилика да истакнам некои одлики на овој електронски медиум, значајни за некои процеси во земјата. Алсат-М покажа високи квалитети со својата отворена, независна, одмерена медијативна содржина и по тоа со што се обидува да стане присутен и прифатен од поширок гледачки телевизиски аудиториум.
Одлика што го издвојува и го возвишува овој медиум од сите други телевизии во Република Македонија е тоа што речиси сите емисии, освен детските и музичките, говорно и со титлување се остваруваат на албански и на македонски јазик. Одамна се чувствува потреба за информативна институција, особено во електронскиот сектор, која своите емисии ќе ги презентира на јазиците на двете најбројни популации во Македонија. Познато е дека имаше некои обиди за двојазичност во некои печатени медиуми, но не успеаја. Алсат–М уште на стартот со цврста одлука на основачот беше ориентирана билингвизмот да биде програмски принцип на вестите и на сите други општествени и културни емисии. Широката употреба на македонскиот јазик во емисиите на Алсат-М е од особено значење за македонските гледачи и за припадниците на другите заедници кои не го познаваат албанскиот јазик.
Македонците на Алсат–М непосредно можат да следат како се разбираат и третираат општествените и политичките настани, кои се преокупациите и дилемите кои преовладуваат среде албанското општество во Македонија. Со еден збор, емисиите во овој медиум претставуваат своевидно информативно отворање на јавното мислење на Албанците пред македонската и другата јавност. Со тоа, според моето мислење, се придонесува за намалување на дилемите, па и на сомневањата за некои позиционирања и барања на Албанците.
Емисиите во Алсат–М го потврдуваат фактот дека двојазичноста во медиумите, но и воопшто, не е само желба или алтруизам туку потреба Македонците и Албанците понепосредно да се запознаваат со мислењата и движењата во нивните средини. Оваа отвореност може да има позитивни импликации во зголемување на довербата, јакнење на солидарноста, заедништвото, унитарноста на државата и слично. Се разбира, билингвизмот во еден медиум не може да ги расветли и надмине сите напластени предрасуди и стереотипи кои се' уште постојат меѓу Македонците и Албанците. Двојазичноста во Алсат-М е, засега, прв и единствен вентил кој овозможува освежувачко струење за пошироко запознавање и отворање на двата етнитета. Треба да се потенцира дека во сите емисии на Алсат-М евидентен е професионализам и новинарска култура која можеби е пример за електронските медиуми во целост, но сигурно е врв и претставува чест и гордост за албанскиот електронски медиум и новинарството во Македонија.
Треба да се подвлече и тоа дека професионализмот и медиумската етика максимално ги заштитуваат емисиите на Алсат-М од партиско- политичка обоеност и етнички пристрасна профилираност на нивните содржини. Вестите и другите информативни и дебатни емисии се одликуваат со урамнотеженост, одмереност и добронамерност, кои го релаксираат гледачот и стимулираат позитивно чувство, пред се' во меѓучовечките и меѓуетничките релации. Со еден збор, во емисиите на Алсат-М во најголема мера отсуствува волунтаризмот, партицизмот, национализмот и нихилизмот.
Доказ за тоа е и фактот за се' поголемата гледаност на Алсат-М, со што веќе се вбројува во редот на најгледаните телевизии во земјата. Алсат-М минатата година има добиено две признанија од Европската комисија за европски стандарди во медиумите и една од економските асоцијации во Македонија.
За спомнатите квалитети на овој медиум, неоспорно, заслужни се сите вработени во телевизијата, особено Редакцискиот и Новинарскиот свет, како и главниот менаџер, господинот Ферик Велија. Исто така, за постоењето и програмското профилирање на оваа веќе значајна телевизиска куќа, исклучителен придонес има нејзиниот основач, господинот Веби Велија, сопственик и претседател на групацијата ВеВе груп, со широк економски ангажман во регионот и во Европа.
Телевизија Алсат-М веќе е национален медиум во Македонија и во Албанија. Се работи на проект, таа да стане регионална сателитска телевизија и да се прошири во Република Косово и другите подрачја во регионот.
(Aвторот е политиколог) |