Сите трчаат по записи во евра
На аукцијата беа понудени записи со девизна клаузула од 45 милиони евра, колку што и се врзаа
Државните записи со девизна клаузула што ги нуди Министерството за финансии на своите аукции остануваат се' уште атрактивни за клиентите. Тоа најдобро го илустрира вчерашниот ден, кога се одржаа две аукции, од кои на едната беа понудени државни записи без девизна клаузула и тие беа делумно продадени, а на другата беа понудени записи со девизна клаузула, што беа целосно реализирани.
Повикот на стопанствениците парите да се остават во стопанството и банките да не ги врзуваат средствата во записи, сепак, не ја поколебува Владата, која продолжува упорно да се зајмува, обидувајќи се колку-толку да покрие дел од државните дупки со парите што ги прибира на аукциите. Најчесто овие пари се користат за тековни трошоци, поточно за исплата на плати и на пензии. Само вчера од аукциите власта прибра околу 48 милиони евра, за веќе денеска да врати околу 44 милиони евра по основа на достасани обврски, плус 3 милиони евра за двегодишна државна обврзница. „Ова ја потврдува определбата на Министерството за финансии постепено да го намалува долгот по основа на државни хартии од вредност, истовремено намалувајќи ја и каматната стапка по која ги продава државните записи���, велат во Министерството, според кое со редовно сервисирање на обврските, власта покажува дека останува доследна кон подобрување на ликвидноста на граѓаните и стопанството.
На вчерашната аукција на државни записи без девизна клаузула биле понудени записи во висина од 11 милиони евра, а биле реализирани само 3 милиони евра. Овој вид записи се покажаа како целосно неинтересни за клиентите, иако каматата им е повисока од онаа кај државните записи со девизна клаузула и изнесува 4,7 отсто. Во сопственичката структура на овие записи банките учествувале со 42,46 отсто, додека клиентите учествувале со 57,54 проценти.
На втората аукција, пак, исто така на 6-месечни државни записи, но со девизна клаузула, биле понудени записи во вредност од близу 45 милиони евра, кои биле целосно реализирани, па државата успеала да ги повлече сите овие средства. Во сопственичката структура на државните записи со девизна клаузула се доминантни банките што учествувале со 71,21 отсто, додека клиентите учествувале со само 28,79 отсто. Во разграбувањето на овие записи не била пречка ниту каматата, која е пониска од онаа за записите без девизна клаузула и изнесува само 4,4 отсто. Сепак, и оваа камата изгледа била доволно висока за клиентите да платат за записите и да чекаат по 6 месеци парите да им се оплодат за толкава камата.
Иако последниве месеци Владата се фали дека добро оди полнењето на буџетот, па некои ставки бележат и натфрлање од проекциите за слевањето на приходите, сепак, се продолжува со практиката во почетокот на секој месец да се одржува аукција на државни записи. Во календарот на Министерството за финансии вакви аукции се најавуваат и за наредните два месеца, односно до крај на годинава. (А.С.) |