Хрватите повеќе играат на странски берзи
Загреб - Се' поголемата неликвидност на Загрепска берза ги поттикна малите вложувачи да инвестираат на странски берзи, вклучувајќи ја Љубљанска и Белградска берза. Според анкетата, која е спроведена меѓу најголемите брокерски куќи во Хрватска, околу 40 отсто од прометот на сите друштва кои даваат брокерски услуги одат на тргување во земјата, додека 60 проценти од парите вложувачите ги трошат во странство.
Најинтересен и најбаран е американскиот пазар, особено Наздак. Освен купување и продажба на акции на Њујоршка берза, вложувачите бараат свој пат и до Франкфурт, Париз, Лондон, па и до Љубљана и до Белград, велат брокерите.
Бидејќи Загрепска берза повеќе не е атрактивна како пред две години, вложувачите биле принудени да побараат алтернатива. Брокерските куќи потврдиле дека вложувачите однапред знаат кои акции сакаат да ги купат, па инвестициските советници имаат малку работа. (МИА) |