На барабан „Кимико“, „Фламенго“... поради невратени кредити
Многу од фирмите не можат да се раздолжат, па банките го продаваат имотот што тие го дале под хипотека
Соња Маџовска
Комерцијална банка продава фабрики, хотели, деловен простор, машини, а и станови и куќи. Лицитацијата е закажана за 12 октомври, а станува збор за запленет имот поради ненаплатени побарувања.
Меѓу огласените за продажба е неподвижниот и подвижниот имот на „Кимико гардине“. Почетната цена на неподвижниот имот е околу 1 милион евра, а на подвижниот имот цената е 443 илјади евра. Сопственици на оваа фирма се браќата Димитар и Георги Миладинови, против кои се водеше судскиот процес за финансиски махинации поврзани со купувањата на струшкиот хотел „Изгрев“. Пресудата за нив минатиот месец беше укината и сега целата судска постапка ќе се води од почеток. Инаку, браќата Миладинови се сопственици на брендот „Кимико“, кој опфаќа повеќе фирми со различна додавка.
И за хотелот „Фламенго“ во Охрид е објавен оглас од страна на Комерцијална, со почетна цена е 1,2 милиони евра. Овој хотел претходно беше познат под името „Дончо“.
„Комерцијална банка има стекнато сопственост врз неподвижниот имот на хотелот ’Фламенго‘ во Охрид и ’Кимико гардине‘ во Струга, во постапки за реализаци��а на хипотеките воспоставени како обезбедување за одобрени кредити. Со оглед дека наведениот имот не е потребен за извршување на функциите на банката, се врши понатамошна негова продажба, преку одржување лицитации, објавување огласи за продажба“, велат од Комерцијална банка.
Се продаваат и станови, куќи, земјиште, но најголемиот број се деловни објекти. Конфекциски објекти во Струга и во Кочани, производствен погон за млеко и млечни производи, тестенини и слатки во Кочани со почетна цена од 274 илјади евра, ресторан, пекарница во Битола за 434 илјади евра, фабрика за преработка на ориз во село Прибачево, цел комплекс во Кичево, производна хала, погони, магацин, управна зграда, котларница, се' заедно со почетна цена од 1,4 милиони евра.
На лицитацијата на Комерцијална можат да учествуваат сите заинтересирани што ќе уплатат 10 отсто од почетната цена на објектот за кој се заинтересирани. Предност ќе имаат лица кои ќе понудат повисока цена од почетната за плаќање во готово, а потоа оние што нудат на кредит. Во последно време весниците се полни со огласи за продажба на деловни објекти, па и цели фабрики, хотели, станови, куќи, земјиште, машини, опрема. „Кај кредитите за граѓани и за фирми во Комерцијална банка наплатата на кредитите се одвива регуларно, без поголеми тешкотии. Нема драстично зголемување на процентот на достасаните обврски во однос на вкупните пласмани, во споредба со претходниот период, за сите кредитни производи. Во однос на процедурите за наплата и пристапување кон присилно наплатување, банката најпрвин ги користи сите механизми за редовна наплата на побарувањето и по нивно исцрпување, се пристапува кон постапка за присилна наплата. Притоа, нема значителни промени во бројот на постапки за активирање хипотеки во однос на претходниот период“, објаснуваат од банката.
Тоа дека постојано расте процентот на ненаплатени побарувања потврдуваат податоците од Народна банка на Македонија, според која тие зафаќаат 10,1 отсто од вкупно одобрените кредити во земјава. Односно, од вкупно одобрени 3 милијарди евра, сомнителните и спорните побарувања зафаќаат 10,1 отсто, што значи 300 милиони евра, се пари кои банките не можат да си ги наплатат од граѓаните и од фирмите. За дел од нив, во случај кога клиентот сака, банкарите велат дека бараат можности како да го надминат проблемот и тоа најчесто го решаваат со репрограмирање на долгот, што подразбира намалување на ратата, а зголемување на годините на отплата. Но, во случај кога нема договор меѓу банката и клиентот, имотот даден под хипотека оди на продажба. Најчесто три неплатени рати се толерираат, или 90 дена, а потоа нема милост.
Не само банките, и извршителите имаат полни раце работа. „Расте бројот на барања од банките за присилно извршување. Банките за ненаплатените побарувања прво спроведуваат судски постапки, а потоа доаѓаат кај нас на реализација. Во последно време се актуелни ненаплатени долгови на кредитните картички и тоа направени уште во 2008 година, кога масовно се земаа вакви картички. Всушност, не не' интересира од каде доаѓа долгот. Ние ја реализираме наплатата и ако должникот сам се јави и има интерес да го расчисти долгот, тогаш целата постапка оди побрзо. Но, ако целиот процес се развлекува, тогаш станува се' поскапо, а и каматите течат. Кога банката одржува лицитација, тоа значи дека тој имот, неподвижен или подвижен, што го запленила банката не можела да го наплати и го презела во своја сопственост. Но, банката нема интерес да има имот, таа сака пари и затоа оди на лицитација“, објаснува Весна Деловска, извршителка. |