Славниот Кервиел од Сосиете и во затвор и ќе ги враќа парите
Брокерот, кој во 2008 година ја оштети француската банка Сосиете женерал за близу пет милијарди евра, со што стана симбол за економска малверзација, вчера беше осуден на казна затвор од три години, плус две условно.
Судот во Париз пресуди дека поранешниот службеник во француската банка, Кервиел, е виновен по сите точки од обвинението, поврзани за една од најголемите измами во историјата во областа на берзанската трговија.
Според судот, триесет и тригодишниот Кервиел е виновен за фалсификување, кршење доверба и недозволено користење компјутер за шпекулирање со цени на акции во периодот од крајот на 2007 до почетокот на 2008 година, како и за склучување берзански договори во вредност од речиси 50 милијарди евра.
Согласно со пресудата, поранешниот брокер Жером Кервиел не може да биде пуштен на условна слобода се' додека не отслужи најмалку три години затворска казна, пренесе Франс прес.
Истовремено судот му наложи на Кервиел да и' врати 4,9 милијарди евра на Сосиете женерал, за колку што ја оштети банката, и законска камата на таа сума. Судот констатирал дека Кервиел ги пречекорил овластувањата и без знаење на банката, ракувал со огромна сума пари.
Одбраната на поранешниот брокер најави жалба на пресудата, оценувајќи ��а како „неверојатна“ и „целосно неразумна“.
За време на судењето Кервиел изјави дека целосно ја загубил свеста за реалноста, но и дека надредените во неколку наврати му дозволувале, па дури и го охрабрувале да преземе ризик кога ќе му се укажела можност да заработи пари за банката.
Аферата беше откриена во јануари 2008 година, а финансиски аналитичари изразија сомневање оти само еден берзански трговец е одговорен за толку голема измама. (Ек.Р.) |