Работнички се подготвува за Евролигата
Ексрепрезентативецот Гроздановски е прво големо засилување, се очекува да потпише и Лазаревски
Раководството и фудбалерите на Работнички не ги кријат своите амбиции во новата сезона, особено во настапите во квалификациите за Лигата на Европа. Меѓу првите од македонските клубови што ќе се појават на европската сцена, ги започнаа подготовките, очекуваат дека годинава ќе имаат поголеми успеси од претходната сезона кога ги минаа првите две пречки, а потоа налетаа на англискиот гигант Ливерпул, но со своите игри иако беа елиминирани не се посрамотија, особено одличен впечаток оставија на реваншот во Ливерпул. Но, тоа е веќе одамна минато, сите погледи се свртени кон ждрепката за наредниот противник во квалификациите за Лигата на Европа што ќе се одржи на 24 јуни во Цирих и на претстојните подготовки.
Клубот за новата сезона ќе биде засилен со поранешниот репрезентативец на Македонија, Влатко Гроздановски, се очекува деновиве да потпише и неговиот поранешен играч Димитрија Лазаревски. Според зборовите на директорот на клубот Ангеловски, Работнички е во преговори со уште двајца квалитетни фудбалери, за кои се очекува дека до петок ќе го стават својот потпис на договорот со „романтичарите“. Во овој летен период клубот го напушти досегашниот капитен Никола Глигоров кој замина на Кипар, на трансфер листата се најдоа уште шестмина фудбалери на кои шефот на Стручниот штаб Горан Петрески не смета повеќе. Тоа се голманот Стефановиќ, потоа Станковиќ, Андонов, Радовиќ, Ивановски и Адем кои имаат одврзани раце и можат да си заминат.
Инаку според одлуката на раководството на клубот, Горан Перески ќе остане шеф на Стручниот штаб, во работата ќе му помагаат Драги Стојановски, Драги Стефановски, Павел Неделковски, додека со голманите ќе работи Зоран Мицевски.
Фудбалерите на Работнички ќе тренираат во Скопје до 19 јуни, на своето игралиште кое прераснува во вистински спортски центар со два тревни терена и два терена со вештачка трева. Навистина имаат одлични услови за подготовки и нема потреба да заминат некаде подалеку. Единствено има договорено две средби во Србија, на 20 јуни со Партизан и на 24 јуни со Рад во Белград, тие два меча ќе бидат прв посериозен испит пред настапите во квалификациите за Лига на Европа.
Инаку по заминувањето на досегашниот капитен Никола Глигоров со едногласна одлука на сите играчи за нов капитен е избран голгетерот Борче Маневски.
Тренерот Горан Петрески очекува дека тимот, иако подмладен, ќе биде целосно подготвен за првиот квалификационен меч што ќе се одигра на 30 јуни. Кој ќе биде противникот ќе се дознае по ждрепката на 24 јуни во Цирих. (М.М.) |