Перез подготвен за Монтреал
Серхио Перез е убеден дека ќе го помине строгиот медицински тест на ФИА што ќе му го расчисти патот за да вози во трката за Големата награда на Канада претстојниов викенд во Монтреал. Возачот на Заубер помина два дена в болница поради нагмечување и исчанчување на бутот по судирот со голема брзина за време на квалификациите ден пред трката во Монако. Дебитантот сега ќе мора да биде подложен на задолжителни медицински проверки пред да му биде дозволено да се врати во кокпитот на тренингот в петок на патеката „Жил Вилнев“.
„Му благодарам на Бога, се' е добро и се надевам дека ќе бидам способен да се тркам викендов во Монтреал“, изјави Перез за новинската програма „Мексико денес“. „Тоа беше доста големо свртување, но тоа е дел од играта и, за среќа, ништо големо не се случи. Изгубив свест во незгодата, но со нетрпение ја чекам следната трка и помотивиран сум од кога и да е“.
Прашан за повредата на ногата, 21-годишникот изјави: „Совршено добар сум. Имам само мала болка, но таа полека исчезнува. Навистина закрепнувам доста брзо. Не можам да поверувам дека инцидентот се случи пред само неколку дена, но веќе се вртам кон моето следно гран-при, во кое ќе се обидам да му донесам некој поен на мојот тим. Подготвен сум за тоа. Треба само да вежбам, но чувствувам дека ќе бидам стопроцентно подготвен за тестовите“. |