Јаневски или Хаџиевски ќе го наследат Јонуз
Прашање на време е кога селекторското место на македонската репрезентација ќе го пополни нов тренер
Миодраг Мицковиќ
Кој ќе биде новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, кој ќе седне на таа жешка клупа на која се изгореа многуте досегашни селектори. Последен од нив е Мирсад Јонуз, кој и покр��ј големата желба и доста работа, не се прослави, под неговото раководство репрезентацијата бележеше доста порази, осетно падна на светската ранг листа и ни се заканува да се најдеме дури и под сто најдобри репрезентации на листата на ФИФА, а едно време бевме меѓу 60-те најдобри. Не е тајна дека љубителите на фудбалот очекуваат, особено по оној последен несреќен пораз од Република Ирска, Јонуз да најде храброст и да поднесе оставка, бидејќи веќе е јасно дека ги потрошил сите кредити и дека во прашање се денови за неговото заминување од репрезентацијата.
Навистина тоа мора да се признае дека и среќата на одделни натпревари не му беше наклонета на селекторот Јонуз, на некои мечеви не можеше да смета и на најдобрите играчи, имаше чести повреди и откажувања, имаше објективни причини за повеќето порази, но тренерот е тој, или селектор сеедно, кој мора да ја прифати вината за неуспесите. Тоа е старо фудбалско правило. Јонуз нема да биде ниту прв ниту последен селектор во Македонија кој си заминал од својата функција. Претходно таа судбина ја доживеаја и Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Драган Канатларовски на двапати, странците Слободан Сантрач и Среќко Катанец.
Не држат повеќе никакви негови оправдувања за немање среќа, за потфрлување на одделни натпревари на сите играчи. Јавноста веќе ја има загубено довербата во Мирсад Јонуз и отворено бара тој да си замине од кормилото. Тоа сигурно наскоро ќе се случи, дали на наредната седница на Управниот одбор на ФФМ или пред тоа Јонуз самиот ќе поднесе оставка. Дознаваме дека деновиве ќе дојде до средба меѓу челниците на ФФМ и Јонуз на кој ќе биде најден заеднички јазик околу раскинувањето на неговиот договор пред тој да му заврши. Тоа е сигурно и најдобро решение и за Јонуз и за ФФМ, не е добро ниту за него да му биде врачен отказ. Сепак, Јонуз имаше добри намери, но фудбалот е немилосрден кога ќе почнат поразите за секој тренер.
Во фудбалските кулоари веќе се шпекулира за наследникот на Мирсад Јонуз. Дури за негов наследник се дискутираше и на последната седница на Управниот одбор на ФФМ. Засега постојат само два сериозни кандидати. Во комбинација се поранешниот играч на Вардар и на репрезентацијата на Македонија, Чеде Јаневски, кој досега беше тренер во Белгија, Србија, ја водеше Црвена звезда, беше тренер во Грција и на Кипар. Пред да биде ангажиран Јонуз, Чеде Јаневски беше еден од кандидатите за селекторската функција на Македонија, но самиот се откажа и се заблагодари на поканата. Меѓутоа, сега ситуацијата е сосема поинаква.
Втор сериозен кандидат е поранешниот селектор на Македонија, Ѓоко Хаџиевски, кој беше на кормилото на нашата репрезентација од 27 февруари 1996 па се' до 9 септември 1999 година. Неговиот биланс на 28 средби колку што ја водеше репрезентацијата на Македонија е десет победи, шест нерешени игри и 12 порази. Ѓоко Хаџиевски има богато тренерско искуство. Почна во Пелистер, беше тренер во Вардар со неколку освоени титули, тренер на Војводина, на ЦСКА во Бугарија, беше тренер и во Јапонија, Египет, Грција и во Азербејџан каде со клубот Интер Баку ја освои шампионската титула, едно време и в.д. селектор на репрезентацијата на Азербејџан.
Моментно е во Скопје бидејќи неговиот ангажман како тренер во Азербејџан заврши. |