Нов светски рекорд на 100 м за белци
Лематр истрча 9,96 сек., една стотинка подобро од личниот и од рекордот на Франција
Кристоф Лематр го потврди статусот најбрз бел спринтер во историјата, откако во Монтреил истрча 100 м за 9,96 секунди, со што го подобри за една стотинка личниот рекорд, воедно и француски. Но, тоа не му беше доволно за победа на атлетскиот митинг, бидејќи побрз од него за само една стотинка беше Јохан Блејк од Јамајка, а третото место го освои Даниел Бејли од Антигва и Барбуда. Британецот Двејн Чемберс заврши четврти до 10,09 сек.
Второто место не само што не го онерасположи 20-годишниот Лематр, туку и го доведе до еуфорично славење на третото време на стотка за еден Европеец во историјата. Пред него се само црномурните Френсис Обиквелу од Португалија со 9,86 сек. и Линфорд Кристи од Велика Британија со 9,87 сек.
„Да се истрча под 10 сек. толку рано во сезоната е крајно охрабрувачки“, изјави Лематр, кој го подобри и својот европски рекорд за атлетичари под 23 години. „Не се чувствував толку добро како во Рим (каде што беше трет со 10,00 сек., зад Јусеин Болт и Асафа Пауел - н.з.) и во текот на трката не очекував брзо време“.
Освојувачот на три златни медала на Европското првенство во Барселона на 100 м, на 200 м и на 4х100 м додаде дека на тренинзите се концентрира на последните метри, бидејќи неговиот тренер Пјер Кара секогаш му укажувал дека прави премногу чекори. Овој пат 42 чекора не беа доволни против Блејк, кој истрча 9,80 сек. во мај, но со недозволен ветер во грбот. Остварениот резултат, сепак, е одличен, со оглед на тоа дека дождот престана само неколку часа пред почетокот на митингот, а температурата падна на 14 Целзиусови степени. На тревата пред почетокот на трката Лематр не можеше да се загрее како што треба, а се пожали и на десетминутното доцнење.
Лематр минатата година во Валенсија стана првиот белец во историјата што истрчал 100 м за помалку од десет секунди (9,98 сек.). Подоцна својот рекорд го подобри за една стотинка, сега во татковината за уште една, а целта му е да се спушти под 9,90 сек.
Нивото годинава во оваа дисциплина е исклучително високо, имајќи предвид дека 15 мажи имаат истрчано под 10 секунди, 11 од нив во последните четири дена. |