Денот започнува со „Утрински весник“ 12 години
„Утрински весник“ вчера одбележа 12 години медиумско постоење. Работното прославување беше збогатено со многубројни честитки што ги доби „Утрински весник“ од пријателите и од партнерите, но, пред се', од своите верни читатели. Честитајќи ни го роденденот, тие ни упатија искрени желби за натамошно успешно работење и објективно информирање. Дванаесеттиот роденден на „Утрински весник“ му го честитаа и оние што се со него од првиот број, но и читателите што подоцна го открија професионализмот во информирањето и одлучија работниот ден во иднина да им започнува со „Утрински“. Честитки стасаа и од граѓаните што не секогаш се согласуваат со тоа што е напишано на нашите страници.
„Честит роденден и така да продолжите. Гордост ми е што бев еден од читателите на првиот број на ’Утрински‘ и до ден-денес продолжувам да го читам“, вели во својата честитка нашиот верен читател Васко од Струмица.
„Ви го честитам роденденот и Ви посакувам да останете објективен, слободарски и демократски весник. Со задоволство го читам од првиот ден“, вели друг читател. За Учо од Гостивар, пак, не поминува ден без „Утрински“ и во печатена и во електронска форма. Тој посакува весникот уште долго да ги известува граѓаните на начин на кој го правел тоа и досега.
„Честито! Нека Ви се множат годините. Успеавте сиве овие години да задржите високо ниво на професионализам. Секоја чест“, гласи честитката од Игор, додека Алек пишува: „Честит роденден, продолжете како и досега. ’Утрински весник‘ е неопходен во медиумскиот простор, тоа го потврдуваат Вашите верни читатели од цел свет, со различно потекло во македонското национално милје и со најразлични ставови“.
Кон честитките од читателите се придружија и бизнис-партнерите на „Утрински весник“. Роденденот ни го честитаа „Пиварница - Скопје“, маркетинг-агенцијата „Имиџ ПР“ и други. „Останете и натаму етаблиран и сериозен производ што успева да им одолее на секакви искушенија, бидете професионални и посветени“, гласат нивните пораки.
Редакцијата на „Утрински весник“ им се заблагодарува на сите оние што ни упатија искрени честитки. Ветуваме дека „Утрински весник“ уште долго ќе остане еден од највлијателните медиуми во Македонија. Тоа им го должиме на нашите читатели. (У.В.) |