Шарлота Ремплинг ќе пристигне во Сараево
Седумнаесеттиот фестивал ќе го отвори финскиот волшебник Аки Каурисмаки, а новиот 3-Д филм „Пина“ ќе го претстави легендарниот Вим Вендерс
Сунчица Уневска
Познатата француска и светска актерка Шарлота Ремплинг (65 г.) годинава ќе биде специјална гостинка на 17. издание на Сараевскиот филмски фестивал. Оваа голема и исклучително значајна актерка, посебна во секој поглед, ќе му донесе на фестивалот здив на шармантност и убавина, но еднакво и на т��лент, посветеност, независност и еден неверојатен дух. Токму затоа таа и е одбрана годинава да биде кустос на наградата „Кетрин Картлиџ“, која се доделува на некој нов филмски глас од било каде во светот, чија работа го олицетворува интегритетот на духот и предаденоста на независниот филм, што ја красеа прерано починатата актерка Кетрин Картлиџ. За оваа цел беше основана Фондација при Сараевскиот фестивал, која ја помогнаа соработниците и пријателите на Картлиџ и која финансиската помош на младите филмски работници ја доделува веќе седум години. Ремплинг за оваа година веќе најави дека наградата ќе ја додели на млад режисер од арапскиот свет.
Шарлота Ремплинг го одбележа 1960-тите, 1970-тите, но и до ден денес европскиот но и светски филм, со својата појава и со своите особени улоги, кои и го донесоа ореолот на недостижност, мистика, убавина и посветеност. Нејзината кариера почна со филмот „Вештина“ на Ричард Лестер од 1964 година, а светот ја запозна веќе 1969 во филмот „Проколнат“ на Лукино Висконти и во „Ноќен стражар“ на Лилијана Кавани од 1974 година. Уште од самите почетоци Ремплинг играше во својата земја, но подеднакво и во Италија, Англија или Америка. Ќе ги издвоиме и: „Збогум, моја прекрасна“ од 1975 со Роберт Мичам, потоа „Пресуда“ на Сидни Ламет од 1982 со Пол Њумен, па „Ангелско срце“ на Ален Паркер од 1987, „Црешовата градина“ на Мајкл Какојанис од 1999 година, каде што играше со Ален Бејтс и Кетрин Картлиџ.
Шарлота Ремплинг работеше многу и со Франсоа Озон, за чиј филм „Базен“ ја освои Европската награда за најдобра женска улога. Има добиено и почесен „Цезар“, а меѓу поновите филмови и се: „Окото на бурата“ на Фред Шеписи, „Ветерницата и крстот“ на Лех Мајевски и „Живот за време на војна“ на Тед Солонц. А на Сараевскиот фестивал ќе го претстави новиот филм на Ларс фон Трир „Меланхолија“, во кој ја игра Габи, лик базиран на мајката на Фон Трир.
Годинава Сараевскиот фестивал најавува едно навистина исклучително издание. Веќе се знае дека неговото 17. издание го отвора најновиот филм „Авр“ на финскиот волшебник Аки Каурисмаки, кој донесе една сосем нова поетика и гледање на светот со своите исклучителни филмски дела, меѓу кои и најпознатиот и најнаградуван „Човек без минато“ од 2002 година. Со „Авр“ Каурисмаки повторно направи бум и ја одушеви публиката и критиката на Канскиот фестивал, каде што беше прикажан во главна конкуренција и ја освои наградата на критиката „Фипресци“.
„Авр“ е приказна за бегалците, но направен во тотално откачениот стил на Каурисмаки, само што овој пат на целото тоа тој му додава и еден сказновиден изглед. Токму таа топлина и позитивност особено добро беше прифатена од публиката во Кан. Еден пропаднат писател кој сега во Авр, пристанишно место во Нормандија, работи како чистач на чевли, ќе ризикува се' за да спаси еден бегалец од Африка. Наеднаш, на многу невообичаен, но симпатичен начин и во препознатливиот минималистички стил на авторот, ќе се создаде една откачена солидарна атмосфера, ќе се здружи целиот комшилук, па дури и полицијата, а неговата сопруга преку ноќ ќе оздрави. Каурисмаки успеа да направи навистина фантастична и оригинална критика на еден од најактуелните проблеми на денешнината. Филмот во Сараево ќе го претстави францускиот актер Андре Вилмс, кој го игра главниот лик Марсел Маркс.
Инаку, покрај Ремплинг, во Сараево доаѓа уште една легенда на светскиот филм, германскиот режисер Вим Вендерс. Тој дефинитивно е еден од најзначајните автори на денешнината, кој како претставник на новиот германски бран, успеа да изврши големо влијание на светскиот филм. „Париз, Тексас“, „Небото над Берлин“, „Лисабонска приказна“, „Американски пријател“ па се' до „Крајот на насилството“, „Буена виста сошал клуб“, „Хотел од милион долари“, филмови кои остануваат запишани во историјата. Сега, во Сараево Вендерс доаѓа со најновиот револуционерен 3Д филм „Пина“ посветен на големата уметничка и кореографка Пина Бауш. Овој филм Вендерс го правел долги години и тоа заедно со самата Пина Бауш, која за жал лани почина. Но, делото на Вендерс, сепак, е една визуелна танцова експлозија.
Сараевскиот фестивал го покани Вим Вендерс да одржи и предавање во образовниот дел, односно на Сараевскиот талент кампус, кој се одржува во соработка со Интернационалниот филмски фестивал во Берлин. Темата на годинешниот кампус е „Наше време, мое гледиште“, која во фокусот го има авторскиот филм и важноста на одговорот на авторот на своето време, тема како создадена за Вендерс. И овде само да потсетиме, дека и нашата режисерска и сценаристка Билјана Гарванлиева, која веќе стана препознатлива по своите авторски креативни документарни филмови, ќе биде дел од европските експерти кои ќе одржат предавање за една од фазите во работата на документарниот филм, која се однесува на т.н. груба монтажа. Гарванлиева ќе биде во Сараево во текот на целиот фестивал. |