САД
Мекејн: Прашањето за името може да се реши
24.06.2011, 9:22
Прашањето за името меѓу Македонија и Грција може да се реши, смета поранешниот претседателски кандидат на САД, републиканскиот сенатор Џон Мекејн.
- Грција во моментов се справува со огромни предизвици и сметам дека во таква ситуација, добрите односи со Македонија веројатно само ќе бидат од нејзин интерес - изјави Мекејн по добивањето на Меѓународната награда на слободата на Обединетата македонска дијаспора.
Наградата им е врачена и на сенаторот-демократ Френк Лутенберг од Њу Џерси и независниот сенатор Џозеф Либерман од Конектикат, а постхумно и на поранешниот државен секретар Лоренс Игелбергер.
Наградата, според Мекејн, е поттик за натамошна работа на билатералните односи.
- Значи многу да се добие меѓународна награда за слобода, бидејќи доаѓа од луѓе кои иако ја напуштиле својата земја за да дојдат во САД и други земји ширум светот, и натаму се определени за независноста и слободата на Македонија, земјата која, како што знаеме, се има соочено со предизвици. Нивната поддршка за мене е мотивација да продолжам да ја поддржувам Македонија - рече Мекејн.
Тој ги опиша американско-македонските односи како добри, а биле одлични кога, како што кажа, поранешниот американски претседател Џорџ Буш пројавил личен интерес за земјата.
Мекејн ја истакна заложбата на македонската армија во меѓународната мисија во Авганистан.
- Благодарни сме поради фактот што македонската армија ни помага во Авганистан и благодарни сме на македонскиот народ за пожртвуваноста на младите војници. Сметам дека односите меѓу двете земји ќе останат добри, па дури и ќе се подобрат - истакна сенаторот од Аризона.
|