Живот на чинија: Ивица Маринковиќ
Кога сум гладен, тогаш сум опасен - гриз��м!
Духовитиот водител на детската емисија „Ај ти замижи“ и креативен директор на „Котиледон продукција“, Ивица Маринковиќ, попознат како Ивце Пивце, зборува за исхраната, но и за навиките во кујната и околу неа
Бојан Шашевски
Со оглед на тоа дека сум ТВ-лице, во почеток морам да предупредам дека содржините што следуваат се за лица над 16 години. Неопходен е надзор од родител/старател. Зошто? Затоа што не сум некој пример за здрава храна (што може да се види од приложеното).
Исхрана во детството
Исхраната има големо влијание врз мојата професија: кога не би била таа, јас сега би бил успешен балетан или манекен во најмала мера. Но, како да им се одолее на сите месени работи што ги подготвуваше баба ми? А за мојата неуспешна балетско-манекенска кариера е виновна мојата мајка. Поубава сарма немам пробано. На крај ме запусти сопругата; знае се' да зготви, а згора на тоа сака да експериментира и за среќа, се' е вкусно. А јас, сопатник: патам ли патам. Соживот! Само една работа не е фер: таа изгледа нормално, а јас…дупло. Сто пет-шеснаесет кила.
Почеток на денот
Денот задолжително го започнувам со ладно нескафе. Сам го приготвувам. Многу ми значи утринското кафе и не сакам друг да ми го подготвува.
До пред некое време ништо не јадев до ручек, но ме посоветуваа дека не чинело толкава машинерија да врти напразно. Е што чинело? Мусли! За среќа, начекав едни по грешка со многу сушено овошје внатре…па врти ли врти! Со оглед дека не вечерам, ручекот го сфаќам многу сериозно! Мора добро да складирам зашто наредното јадење е дури утре попладне. Семките за појадок не ми се нешто сигурен извор на енергија!
Брза храна наспроти здрава храна - Кај нас малку се измешаа работите околу тоа што е брза храна, а што е здрава храна. Зошто по дефиниција брзата храна е нездрава, а бавната здрава.
Еве пример: Дали четврт бурек со јогурт е бавна храна? Не! Дали е здраво за забите, за хранопроводот и за желудникот ако во исто време џвакате жежок бурек од околу 50°Ц и голтате јогурт од 15°Ц?
Исхрана во лето
Иако можеби асоцирам на некој што има зимски сон, јас, сепак, континуирано јадам во текот на сите четири годишни времиња. Количината на храна не ми зависи од годишното време. Се смени климата. А кога сум гладен, тогаш сум опасен: гризам! Инаку и во најголемите горештини можам да јадам неограничено сладолед.
Омилена кујна
Па да, кај нас дома може да се проба од се' по нешто. Еве да речеме најново, од пред некој месец редовно користиме четири големи прекрасни меки кинески трпезариски столчиња. Инаку од италијанската кујна користиме аспиратор, од српската шпорет „смедеревац“, од германската ножеви „солинген“, а од француската лажици и виљушки итн.
Салати
За жал, не. Многу ретко. Само за Нова година и за роденденот на ќерка ми. Зошто е тоа така - не знам. Можеби затоа што јас признавам само една салата - руска. Имам голема опсесија да уживам во овошјето: да легнам под некоја дудинка и да уживам како во детството. За жал, пораснав.
Омилено јадење
Не го разбирам прашањето (хе хе)
Готвење
Можам да кажам дека добро се снаоѓам. Пример, сред ноќ станувам да пијам вода и во полусон одам во кујна, и веднаш од десна страна е фрижидерот. Нормално дека не готвам, туку кога веќе сум станат, може нешто да ставам во уста. Колку водата да не оди напразно.
Пазарување
Не сум некој љубител на пазарување. Но, незгодно ми е сопругата да тегне ќеси по населба. А и жал ми е кога ќе ми текне колку храна треба да довлечка.
Пијалак
Обично не. Во некоја посебна пригода можеби црно вино. И така не сум по коктелите: не знам од која цевка се пие, а срам ми е да прашам.
Благи работи
Нешто на што најтешко можам да одолеам. Не постои лоша торта. Постои само мала торта.
|