Тортура во затворот во Шутка, четворица пред отказ
Кривична пријава против надзорниците кои врзале осуденици за радијатори и ги тепале со палки
Тортура во Истражниот затвор „Скопје“. Пред неколку дена четворица чувари претепале со палки неколкумина затвореници, откако претходно ги врзале за радијатор, а потоа безмилосно ги мавале по нозете и грбот. Двајца од затворениците имале тешки повреди и модринки по телото. На четворицата чувари им се заканува отказ, откако надлежните поведоа дисциплински мерки и ги супендираа. Народниот правобранител, по направениот увид, смета дека има основа да се поднесе кривична пријава до јавниот обвинител за тортура во скопскиот истражен затвор. За случајот се заинтересира и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој вчера попладне направи мониторинг во затворот во Шуто Оризари.
Инцидентот се случил во вторникот навечер, а деновиве молскавично се прошири низ медиумите, кои се соочуваа со тешкотии да дознаат што се случило всушност во истражниот затвор „Скопје“, поради молкот на надлежните. По увидот што го направи вчера претпладне претставник на народниот правобранител, се дознава дека инцидентот настанал во вторникот во вечерните часови, кога во Затвореното одделение на истражниот затвор настанало кошкање меѓу затворениците.
Според информации од Управата за извршување санкции, причина за расправијата биле кражбите кои често се случувале. Во еден момент расправијата прераснала во тепачка, при што еден од затворениците, кој бил нападнат, почнал да вика и да бара помош. Притрчале стражарите и ги смириле.
„Откако се' стивнало, тие зеле шестмина од затворениците, ги однеле во една помошна просторија, а по извесно време двајца од нив ги вратиле повторно во затвореното крило. Другите четворица потоа ги врзале за радијатор, по што еден по еден ги носеле во тоалетот и ги тепале со палки“, објаснуваат од Канцеларијата на народниот правобранител.
Затворениците биле тепани од четворица стражари, додека другите нивни колеги гледале и не го спречиле инцидентот. Како што дознаваме неофицијално, едниот од претепаните затвореници наскоро требало да биде подложен на тешка операција, додека другиот бил епилептичар.
Од Управата за извршување санкции велат дека чуварите кои учествувале во претепувањето на затворениците се суспендирани и им се закануваат откази.
Против нив до јавниот обвинител ќе биде поднесена и кривична пријава за тортура, по сознанијата кои ги колектираше заменик-јавен народен правобранител м-р Драги Целевски, кој изврши увид во затворот.
„Извршивме увид во затворот, разговаравме со повредените затвореници и со чуварите, а на увид во медицинската документација каде што лекарот констатирал повреди кај осудените, кои имаат модринки по телото во пределот на нозете и на грбот“, вели Целевски. Исто така, било утврдено дека управата на затворот два дена по инцидентот овој случај го документирала и се обратила до Управата за извршување санкции, што е законска обврска.
„Според прибраниот доказен материјал, постои основано сомнение дека постои кривично дело тортура и против четворицата надзорници кои ја вршеле тортурата ќе поднесеме кривична пријава до јавниот обвинител и ќе му го доставиме целокупниот материјал до кој дојдовме“, вели портпаролката на омбудсманот, Уранија Пировска.
Таа додава дека станува збор за тортура, бидејќи затворениците биле непотребно тепани од стражарите, откако всушност се смирила состојбата и инцидентот во затворското крило.
За малтретирањето затвореници во истражниот затвор во Шутка се заинтересира и Хелсиншкиот комитет за човекови права, чии претставници вчера попладне извршија мониторинг со цел да се запознаат со деталите од инцидентот. (Д.Т.) |