Интервју
Пишувањето не е само машка работа
Јагода Михајловска - Георгиева, лауреат на „Роман на годината“
Невена Поповска
Признанието „Роман на годината“ на „Утрински весник“, со кое беше награден Вашиот роман „Индиго Бомбај“, претставува најпосакуваната литературна награда во земјава. Какво е чувството кај авторот кога делото добива едно олку високо и мошне ценето признание? И што воопшто мислите за наградите?
Пред четири години, кога го добив Рациновото признание за романот „Каменот од Твојот ден“, имав чувство дека јас сум наградена. Најпрецизно, дека сум наградена што ми успеало да ги врамам во зборови и да ги пренесам сопствените (и на моите тројца сопатници) хималајски искуства. Кога почнав да пишувам, тоа ми се чинеше многу потешко отколку самото искачување до 5. 000 метри височина. Кога завршив, си реков - изгледа ја постигнав целта. Наградата беше дополнителен доказ дека е така. Со оваа награда е поинаку, веројатно затоа што и материјата, а и мојата цел беа поинакви. Имам прилично необично чувство дека овој пат самите пишани зборови се тие кои се наградени. Како да кажам, признаена им е нивната авторска моќ, нивната способност да содржат во себе најголеми длабочини и највисоки височини, да владеат со тој што ги запишува и тој што ги чита. Сами по себе и за себе да постојат. Сето време додека ја пишував „Индиго Бомбај“, имав многу силен впечаток... не, не впечаток, туку сознание, бев сведок дека зборовите се тие што ме водат, а јас само ги забележувам.
А што да кажам за наградите, освен дека се добредојдени потврди за она што самиот автор веќе го знае. Зашто сум сигурна дека секој што создава, во која било област, длабоко во себе знае дали тоа што го направил е добро или не. Ако не мисли така, а е награден, попусти му се, не една, туку сто и една награда.
Романот претставува Ваше доживеано искуство и во него ја зафаќате темата за продажба на органи во Индија, донација на органи, но, сепак, тоа е роман за себеспознавањето, за човекот во нас, за љубовта. Дали и колку за Вас претставуваше тешкотија да се пренесе преживеаното на хартија?
Веќе ви реков, зборо��ите, а тоа значи и настаните и јунаците содржани во нив, одеа пред мене, понекогаш трчаа, па тешко ги стигнував, беа многу подалеку од мојата способност да ги стасам и да ги пренесам на хартија. Се задишував и папсував одвреме-навреме... Ќе ми побегнат, се плашев, ќе ги снема, ќе ги изгубам. Но, тоа беше возбудливо, вистинска игра. Друго беше тешко: да го извадам од себе сето она што го чувствував, зашто темата е интимна, напати премногу интимна... станува збор за мојата сестра Ана, за нејзиното заминување од животот, за спасувањето други животи, за разделбите... и за чудните средби во Бомбај. Многу болеше тоа „чепкање низ најдлабокото“, се отвораа запретани рани, скриени понорници истекуваа, неочекувани бездни, несознаени, потиснати... Понекогаш си велев, ама што правам јас, каква е оваа книга што ја пишувам, кој ќе ја чита ваква, сета исткаена од болка!? Но, зборовите си врвеа по својот пат, ту темен ту светол, прескокнуваа преку тагите, минуваа низ нив, и како да се нечепнати, се искачуваа нагоре... нагоре кон радоста, кон светлината, кон убавината. И што се случи на крајот!? „Индиго Бомбај“ се стори роман за љубовта, за пријателството, за вознесот, за почитувањето и сомилоста кон другиот, за најубавите нешта во секого од нас. Самиот се вообличи така како што си беше наумил, верувајте ми на зборот, јас само му се подадов, предавајќи му се без отпор.
Насловот на романот „Индиго Бомбај“ ја сугерира основната карактеристика на овој предел, богат со бои, мириси и таинственост. Сугерира на небото над Индија со боја на индиго. Од каде идејата за ваков роман? Со оглед на тоа дека е многуслоен и работен како филмски кадар, колку време го работевте?
Немав намера да пишувам роман, а најмалку за нешта што ми се случиле, сум ги видела или ми ги раскажале во Бомбај кога бев таму во 1994 година. Тоа беше толку одамна и иако моето бомбајско искуство ми е длабоко врежано во сеќавањата, никогаш не ми дошло на ум да го преточам во литература. Всушност, се зафатив со пишување кратки раскази на различни теми и имав намера да објавам збирка. Неочекувано, еден од нив, оној бомбајскиот (дел од него сега, всушност, е самиот почеток на романот) фати да се издолжува, да се продлабочува, да вовлекува во себе, да комбинира и други нешта, „неиндиски“ и полека, полека се стори „Индиго Бомбај“. Да речам дека бев изненадена, малку ќе е. Бев затечена, вчудовидена. Во таква „вчудовиденост“ го запишав сиот роман. Во грозничавост. Често во блаженство. Со заумен восхит. Но, и со „искрвавување“, со „превртување на утробата“.
И, да, во право сте, пишувањето течеше без малку филмски, сцена по сцена, кадар по кадар. Го работев една и пол година откако претходно шест месеци ги пишував расказите што доведоа до него. Последните неколку месеци речиси деноноќно му се посветив. И во соништата го имав, ги слушав дијалозите на јунаците, ги гледав што прават, каде одат. А на јаве, пишувајќи, буквално страдав со нив, или се радував, или плачев, или се плашев, или бев среќна... Постојано бев со и во „Индигото“. Целосно. Без престан. Како обземена. Вака ли се излудува, стравував понекогаш. Да, беше нешто слично на лудило!
Сметате ли дека Вашиот роман, кој поставува крупни прашања за тоа што сме, какви сме и која е смислата на нашето постоење, ќе им даде можност на читателите да ги најдат одговорите?
Ако не одговорите, тогаш сигурно ќе ги втасаат прашањата. А штом почнуваме да се прашуваме, нема враќање назад. Колку и да сме имуни на „тие нешта“, колку и да веруваме дека стоиме со две нозе на земја и дека имаме одбранбени механизми против „такви налудничавости (резервирани за лековерни хипици и гуру-манипуланти)“, кога ќе налетаме на нив, немаме којзнае каков избор. Или ги отфрламе замижувајќи или ширум ги отвораме очите подготвени на прогледување. Порано или подоцна, пак ќе не' начекаат, во тоа сум се повеќе сигурна. Таква е природата на тие прашања: настојчива. Уф, понастојчива отколку што можеме да замислиме! И покрупни се отколку што можеме да поимаме со умот.
Впечатлив е цитатот: „Во Индија сте. Не обидувајте се да разбирате. Отворете си го срцето. И чувствувајте“. Возможно ли е само така: да се отвори срцето и да се чувствува?
Умот е тој што разбира. Со него е полесно да се излезе на крај. Ако нешто разбираме, в ред, но штом не можеме со умот да допреме до нештото, склони сме да го прогласиме тоа за безумно или за непостојно. Не го разбирам, значи, не постои! Нам, на западњаците, не ни е лесно да сфатиме, а уште потешко ни е да прифатиме дека умот не е најмоќниот господар и дека не е баш се' во негова надлежност. Главниот женски лик во „Индиго Бомбај“ – Ана, дојдена од Западот, минува низ тешки кризи и „искушенија на умот“, одејќи го патот кој и' го наметнува индиската стварност, но и нестварност, индискиот начин на восприемање на светот и на себеси, толку различен од нашиот.
Прашувате дали е возможно тукутака да се отвори срцето и да се чувствува!? Не верувам. Треба да се стаса дотаму. Испишав 365 страници, обидувајќи се, меѓу другото, што повеќе да нурнам во таа чудесна тајна или ако сакате - „вештина“. Успеав ли да ја одгатнам!? Којзнае. Ама барем ја загатнав.
Без исклучок, наградениот роман на „Утрински весник“ е најпродавана книга од македонски автор таа година. Годинава, во најтесен круг за наградата беа три авторки, што од жири-комисијата беше оценето како успешна доминација на автори-жени, бидејќи се покажуваат како издржливи маратонци. Како би ја коментирале оваа состојба и каков е Вашиот став во однос на состојбите во нашата литература воопшто?
И пред четири години, со „Каменот од Твојот ден“ на вашиот конкурс за „Роман на годината“ бев една од трите жени во најтесната селекција. Не знам зошто толку исчудување во јавноста на таа тема. Поради тоа што сме се покажале издржливи маратонци или затоа што, ете, ни успеало и нам, на жените, да напишеме добри романи!? Зарем литературата и уметноста, воопшто, имаат пол? Да се објави дека на маж му успеало да роди дете, тоа е вест, да. Но, дека жена „родила“ роман... Ако, пак, чудењето е оттаму што романот бара здраво седнување и речиси неизбежно привремено запоставување на редовните женски обврски од типот „трудбеничка, општественик, домаќинка, мајка, сопруга, љубовница... жена, мачка и метла дома“, тогаш согласна сум да (си) се чудам, но ако е од поинаква природа, демек романот е „машка работа“, еве се покажува дека не е баш така. Но, дека машки треба да се запне, треба.
А за состојбите во нашата литература, никогаш, па ни сега, не сум имала потреба да поседувам некакви посебни ставови. Не се во мојот творечки домен. Тој што ќе почувствува внатрешен порив да пишува, седнува и пишува. Ништо не може да го спречи. Ни скудните хонорари, ни ограничените тиражи, ни малиот број читатели, ниту пак фактот дека „таму некаде на Запад или на Исток“ се' е поинаку и подобро отколку кај нас: писателите се почитувани и вреднувани, богати и славни... Се разбира дека посакувам да е така и овде, но најмногу од се' посакувам да се множат добрите пишувачи, добрите книги, вистинските читатели и високо професионалните издавачи, каков што е „Три“, издавач на „Индиго Бомбај“. Се разбира, и оние кои јавно ќе ги просудуваат, валоризираат и наградуваат авторските резултати. Како „Утрински весник“, на пример, со навистина престижното признание „Роман на годината“.
|