Партизан продолжува да владее со регионот
Кецман погоди тројка од својата половина за победа над Цибона од 75:74 во финалето на НЛБ-лигата
Белградски Партизан на неверојатен начин стигна до четвртиот наслов во серија во НЛБ лигата. Инфарктната завршница во продолжението, кога се чинеше дека Цибона ја има титулата в џеб по тројката на Богдановиќ за 74:72 на помалку од една секунда до крајот, сепак, на крајот донесе големо славење на гостите по тројката на Душан Кецман од преку половина терен.
Значи, јунак на белграѓаните е Душан Кецман, кој нешто порано во продолжението направи доста грешки, загуби неколку топки, а на само 0,6 до крајот го заби најважниот шут за победа на Партизан, а не беше ниту на половина од теренот. Се разбира, постои вина кај Цибона, малку прерано ја славеа тројката на Бојан Богдановиќ која можеше да биде победничка, но заборавија на Кецман и на времето кое остана, а „седумката“ на Партизан го казни тоа невнимание.
Душан Кецман стави точка на трилер меч, кој, практично, од првата секунда беше израмнет, без двоцифрена предност на било која страна за време на 45-минутната борба без штедење. Гледано од аголот на Цибона, тоа беше прилично невообичаено финале, со оглед дека Томас и Гордон со по 31 поен го предводеа тимот на Перасовиќ во нападот, додека никој друг не постигна повеќе од пет.
До продолжението се дојде откако Гордон уфрли едно од двете слободни фрлања за 60:60, по што оправдано беше поништен кошот на Алекс Мариќ од одбојка по шутот на Кецман за тројка (топката не го допре обрачот), а Марко Томас имаше топка за победа на Цибона во регуларниот дел, но не погоди тешка тројка од аголот на теренот.
Во дополнителните пет минути се случи тоа што се случи и Партизан останува регионален кошаркарски владател.
Со 14 коша и 11 скока Алекс Мариќ го предводеше Партизан, а Петар Божиќ постигна 11. Јунакот на белграѓаните Кецман мечот го заврши со десет коша. |