Големо враќање на Винокуров во Лиеж
Велосипедистот на „Астана“ Александар Винокуров ја забележа најважната победа по враќањето на патеките триумфирајќи на трката Лиеж-Бастоњ-Лиеж.
Казахстанскиот велосипедист во 2007 година беше позитивен на допинг-тестот за време на трката Тур де Франс поради што беше суспендиран на една година, па триумфот на еден од најважните еднодневни класици во сезоната му е и најголем успех откако се врати на трките.
Винокуров успеа да ја забележи третата победа на пролетните класици. Претходно ги освојуваше Амстел-купот во 2003 година и токму трката Лиеж-Бастоњ-Лиеж две години подоцна
Винокуров до победата на 258 километри долгата трка стигна во последните 500 метри кога го претекна Александар Кобаев и на целта стигна со предност од шест секунди.
„Свртив нова лист во мојата кариера. Се вратив посилен од порано и на сите сакам да им докажам дека ќе имаат работа со еден нов Винокуров“, изјави 36-годишниот велосипедист, кој неодамна победи и на трката околу Трентино во Италија.
Во интересната трка за последното место на подиумот Валверде успеа да ги мине Филип Жилбер и Кејдел Еванс и на крај да го освои третото место. Трката Лиеж-Бастоњ-Лиеж е една од најпознатите трки во светот на велосипедизмот, а со прекини за време на Првата и на Втората светска војна се вози од 1892 година, што ја прави и најстара еднодневна трка на планетата. |