Четири клуба на работ на баражот
Ако пред неделното коло фудбалерите на Хоризонт Турново беа најсериозни кандидати за настап во баражот, заедно со Милано, за опстанок во прволигашкото друштво, нивната неочекувана победа против директниот конкурент за баражот и тоа среде Прилеп, против Победа, ги урна сите тие прогнози. На четири кола пред крајот на годинашново првенство ситуацијата на дното на табелата се комплицира и навистина ќе биде неизвесно се' до последното коло. Вардар, Тетекс, Хоризонт и Победа имаат по 25 бода, секоја победа во гости ќе значи сигурно и бегство од таа загрозена зона (читај деветото место), секој пораз на свој терен ги намалува шансите.
Со оглед дека во последните три кола се случија неколку изненадувања, победата на Вардар против Ренова, трите освоени бода на Тетекс во Турново, последната победа на Хоризонт во Прилеп, секоја прогноза во сегашниот момент е неблагодарна. Можеби двата директни дуела во наредните две недели меѓу Вардар и Хоризонт во Скопје и Победа - Вардар во Прилеп ќе расчистат некои дилеми, но сепак, ќе треба да се почека последното коло.
За да им овозможиме на нашите читатели да направат свои сметки, кој колку бодови ќе освои до крајот од овие четири екипи, загрозени за настап во баражот, еве го нивниот распоред во последните четири кола.
Вардар: Хоризонт и Силекс во Скопје, Победа и Милано во гости.
Тетекс: На свој терен ги пречекува Силекс и Металург, им гостува на Милано и Пелистер.
Победа во Прилеп игра со Вардар и Милано, гостин е на Металург и Работнички.
Конечно Хоризонт. Гостин е на Вардар и Силекс, во Турново ги пречекува Милано и Пелистер. (М.М.) |