Пацини ја облеа Рома во солзи
Со неговите два гола, Сампдорија славеше во Рим со 2:1 и ја спречи „волчицата“ да се врати на лидерската позиција во Серија А
Фудбалерите на Рома пропуштија прилика по третпат да се најдат на врвот на табелата во италијанската Серија А во оваа сезона. Во последниот меч од 35 коло загубија на домашен терен од Сампдорија со 2:1 и во завршните три кола влегуваат со два бода помалку од лидерот Интер кој, пак, во саботата, беше поуспешен од Аталанта со 3:1.
Клаудио Раниери беше шокиран од конечниот епилог во неделата вечерта на „Олимпико“, но истовремено порача дека екипата мора да продолжи како да не се случило ништо.
„Мора да продолжиме напред како ништо да не се случи. Во првото полувреме ја демонстриравме најдобрата игра откако сум тука. За жал не продолживме во исто темпо и во вториот дел. Сампдорија гиискористи шансите и направи резултатски пресврт. Се обидов и со Лука Тони, но не успеавме да го пронајдеме противничкиот гол“, рече Раниери по натпреварот.
„Волчицата“ одлично го започна мечот. Поведе во 14 минута со погодокот на Франческо Тоти. До тој момент и по него, до одморот, Рома играше извонредно. Лесно, со прецизни додавања на прва, течни акции кои најчесто беа сериозна опасност за Сторари. Гостите во првите 45 минути беа ориентирани на дефанзива и само еднаш се заканија кон голот на Жулио Серџо. Касано беше затворен како треба, Пацини едноставно невидлив. Таквото издание на гостите и раното водство што го обезбедија како да им удри во глава на ријманите. Почнаа да играат и за публика, со проигрувања со пета, префрлување на топката преку себе, но фајде од тоа не видоа.
„И да освоевме бод ќе беше исто. Ја имавме судбината во наши раце, но сега повеќе не е така. Не знам каде може Интер да загуби бодови, но знам дека ние мора да дадеме се од себе вомечевите што следуваат. Мислам дека за Скудетото ќе се решава во последното коло. Загубивме сега, но мора да се вратиме. Среќата беше на наша страна во градското дерби со Лацио, но не и вечерва. Посакуваме добар крај на сезоната. Интер е силен, затоа комплиментите одат за нив и за Рома за импресивната серија резултати“, додаде Раниери.
Човекот-пресврт на „Олимпико“ беше Пацини. Најпрво израмнина 1:1 во 52 минута од првата шанса на гостите од Џенова, а во 85 минута ја запечати судбината на домашните за молк на трибините на Олимпискиот стадион во Вечниот град и болка за неуспешниот обид за кам-бек на лидерската позиција во калчолигата која најдобро ја опишаа солзите на дефанзивецот Филип Мексес.
До крајот на сезоната екипата на Рома ќе и' гостува на Парма, ќе го пречека Калјари и во псоледното коло ќе истрча на „Бентегоди“ во Верона кај тимот на Киево. Интер, пак, во следното коло ќе му гостува на Лацио, потоа ќе биде домаќин на Киево и во завршниот меч ќе игра кај, веќе испаднатата, Сиена.
Серија А, 35. коло
Резултати: Рома - Сампдорија 1:2, Удинезе - Сиена 4:1, Наполи - Калјари 0:0, Ливорно - Катанија 3:1, Јувентус - Бари 3:0, Џенова - Лацио 1:2, Фиорентина - Киево 0:2, Болоња - Парма 2:1, Палермо - Милан 3:1, Интер - Аталанта 3:1.
Табела: Интер 73, Рома 71, Милан 64, Сампдорија 60, Палермо 58, Јувентус 54, Наполи 53, Џенова 48, Фиорентина 46, Парма 46, Киево 44, Бари 43, Калјари 42, Удинезе 42, Катанија 40, Лацио 40, Болоња 39, Аталанта 34, Сиена 30, Ливорно 29. |