Пандев нема дерман од Лотито и пред Барселона
Лотито го товари нашиот интернационалец дека постигнал преддоговор со Интер додека бил под договор со Лацио
Сашко Ѓ. Димовски
Нови проблеми за Горан Пандев со претседателот на Лацио, Клаудио Лотито. Откако нашиот најдобар фудбалер, судски, доби раскин на договорот со лацијалите во декември, првиот човек на небесно-сините од Рим тогаш порача дека работата не е завршена. Лотито сега го товари капитенот на македонската фудбалска репрезентација дека имал преддоговор со Интер додека се' уште бил под договор со Лацио, нешто што е строго забрането според правилата на игра во италијанскиот фудбал.
Обвинението, како што неофицијално дознаваме, го темели на информации лиферувани во македонските медиуми во периодот кога нашироко се пишуваше за можна идна дестинација на Пандев во кариерата. Меѓутоа, овдешните медиуми во сите тие шпекулации се повикуваа на интернет портали и страници кои, пак, постојано лицитираа со десетина клубови заинтересирани за услугите на 26-годишниот струмичанец. Во игра се споменуваа клубови од целата Европска унија, но и во Русија како Зенит Санкт Петерсбург.
Горан Пандев ги демантира таквите гласишта дека стапил во некакви преговори и разговори со некоја екипа додека беше под договор со Лацио.
„Тоа нема врска. Пишувањата во медиумите беа шпекулации. Не сум разговарал ниту пак сум преговарал со друг клуб додека бев под договор со Лацио. Со Интер преговарав и се договорив по одлуката на арбитражнот суд на фудбалската лига на Италија во Милано со која бев ослободен од обврските кон Лацио. Претходно не“, ни изјави Горан Пандев.
Според италијанските фудбалски закони, во случај еден фудбалер да има преддоговор со еден клуб додека е под договор со друг се казнува парично и притоа се изрекува суспензија за играчот. Очигледно тоа е целта на Лотито во конкретната ситуација. Тоа го направи во времето кога Пандев беше член на лацијалите бидејќи нашиот интернационалец одби да го продолжи договорот со тимот од „Олимпико“, му се закани дека ќе го седне на клупа, тоа и го стори. Сега кога ја загуби битката и кога не е повеќе дел од неговиот тим сака тоа да му го стори на Пандев и во Интер.
Во целата работа меѓу е вмешан и селекторот на нашата фудбалска репрезентација, Мирсад Јонуз. Во обвинението против Пандев, Лотито го вмеша и него дека наводно тој изјавил за активностите на Пандев. Јонуз демантира такво нешто и вели дека за договорот на Пандев со Интер дознал по ослободителната пресуда на Арбитражниот суд на фудбалската лига во Италија.
„З�� договорот на Пандев и Интер дознав по одлуката на Арбитражниот суд во Милано. Постојано бевме во контакт и постојано велеше дека е ирач на Лацио и дека се надева дека страстите ќе се смират, дека е подготвен да се врати во првиот тим ако добие повик од тренерот. Ниту еднаш не ми кажа дека е во некакви преговори со друг клуб додека беше играч на тимот од Рим“, изјави селекторот на Македонија, Мирсад Јонуз и додава:
„За Лацио секогаш говореше во суперлативи од причина што тоа е тимот во кој ја стекна славата. По одлуката на Арбитражниот суд кој пресуди во негова корист ми се јави и ми рече дека сака да остане во Италија, дека за него се заинтересирани Интер и Јувентус и дека го одбрал Интер. Дотогаш постојано повторуваше дека се надева дека работата ќе се смири, дека недоразбирањата со управата на клубот ќе се надминат, дека ќе остане во Рим и повторно ќе заигра за Лацио. Низ разговорите со него имав таков впечаток“. |