На Лион му треба меч од висок ризик
Французите мора да ја заборават плашливата игра од Минхен за да го елиминираат Баерн во полуфиналниот реванш во ЛШ
На Лион му треба голема храброст ако сака да го мине Баерн и за прв пат во својата историја да се пласира во финалето на Лигата на шампионите. На првиот натпревар во Минхен, во кој славеше Баерн со 1:0 со голот на Робен, тренерот Клод Пуел одигра плашливо за што доби заслужена критика од сите медиуми, нормално, посебно оние од Франција. „Дури и во периодот кога имаше Лион играч повеќе играше кукавички“, забележаа медиумите.
Сега Лион мора да го покаже своето друго лице. „Мора тотално да го смениме односот. Мора да покажеме позитивен карактер. Само со храбра игра може да го елиминираме Баерн“.
И двата тима имаат проблеми со повредени фудбалери и суспензии. Лион ќе го нема Тулалан, а Баерн ќе биде без Франк Рибери - и двајцата беа исклучени на првиот натпревар.
Централните дефанзивци на Баварците Мартин Демикелис и Даниел ван Бајтен треба допрва да ја докажуваат својата подготвеност поради повредите заработени на мечот со Борусија М. „Повредите на двајцата дефанзивци на еден меч се клупска драма“, кажа тренерот Луис ван Гал и додаде: „Се надевам дека барем еден од нив ќе биде подготвен“.
Ван Бајтен не е оптимист. „Одам тешко и чувствувам болка. Сакам да играм, но не знам дали ќе бидам подготвен за така тежок натпревар“.
Кај Лион неизвесен е настапот на Крис, но и на Бастос, но Клод Пуел на крајот очекува добри вести од лекарите, кои потврдија дека Ловрен и Бумсонг се заздравени од повредите. „Бумсонг нема играно три недели. Викендов нормално тренираше и ќе биде во тимот“, кажа Пуел, кој верува дека неговиот тим може да им ја расипе забавата на Баварците.
„Лион покажа дека може да победи секого. Сите не отпишаа предвреме со Реал Мадрид, но успеавме да го поминеме. Тогаш блеснавме на „Сантјаго Бернабе“ сега тоа треба да го направиме на „Стад Жерланд“. Преферирам такво сценарио, бидејќи секогаш играте најдобро кога ви е потребен добар резултат“, смета Пуел, чиј Лион чека долги години на континентален успех. Никогаш порано ја нема минато четврт-финалната фаза.
Претседателот Жан Мишел Аулас им порача на своите фудбалери дека нема простор да стравуваат од Баерн, кога веќе елиминирале тим каков што е Реал М. „Слушав врисоци од соблекувалната на Баерн по првиот натпревар во Минхен. Па, тие беа сигурни уште по тие 90 минути дека ја завршиле работата. Тоа е супер, но јас чувствувам дека нешто вечерва ќе се случи“.
Инаку, овие два тима и лани се сретнаа , но во групна��а фаза, кога Баерн славеше во Франција со 3:2, а во Минхен беше 1:1. |