Миро Унгар
Музиката е мојот живот
Го сака својот живот - има настапи и видно е подмладен од љубовта со Сара
Валентина Тодоровска
Миро Унгар, паметат повозрасните, своевремено беше едно од најпознатите имиња на музичката екс ЈУ-сцена. Со пеењето започна во 1955 година, набргу го создаде квартетот „4М“, а потоа му се случи љубов и брак со Тереза Кесовија, многубројни турнеи, гостувања, фестивали. Неговите хитови кои и ден-денес Унгар радо ги пее ја имаат етикетата евергрини - „Долина мог детињства“,„Ноќас со лијепа љубави“,„Свако мора имат неког свог“... Кон крајот на 1990-тите години, овој музичар го има првиот спот за песната „Моја музика“, а во 2006 година го прослави јубилејот од завидните 50 години присуство на сцена.
Миро е човек со младешки дух - и ден-денес одржува концерти, а во моментот на нашето договарање за интервјуто беше во Русија, поточно во Москва, како гостин во телевизиско шоу на Људмила Сунчина со која во 1976 година го снимија дуетот „Ветување“. Освен тоа, летото му е многу динамично - во истарскиот Новиград каде што поминува пет месеци од годината и има настапи со својот бенд, посветен на златните шеесетти. Еве за што разговаравме со Миро Унгар.
Веројатно ги следите случувањата во музиката - главните учесници и епизодисти. Што мисли за денешната модерна музика, техното, хип-хопот? Дали би издвоиле некои ликови во позитивен или негативен контекст?
Се разбира дека следам се' што се случува на хрватската сцена, но и на светската. Музиката, сепак, е мојот живот. Сметам дека има многу талентирани луѓе на кои не можам да им ја прогнозирам кариерата. Тоа најмногу поради состојбата во дискографијата, која под влијание на Интернетот стана некомерцијална.
Имате ли обичај да речете - добро старо време и што обично мислите тогаш?
Ќе ви кажам дека секое време има свои предности и недостатоци.
Затоа го немам тој обичај, уживам, добро ми е во сегашноста.
Кога ќе се сетите на минатото, кои периоди Ви се најдраги?
Најубав период ми е почетокот на кариерата, па тука некаде и стартот со квартетот „4М“ кога млад и полетен, полн со енергија тргнав во светот и го откривав сето она што денес го користам и во музиката и во секојдневниот живот. За разлика од денешните пејачи, тогаш кариерата ја создававме во светот, патувајќи со бројни концерти што ги имавме во Англија, Франција, Германија, СССР и во многу други држави. Мислам дека тоа е голема предност во однос на денешните колеги.
Дали Хрватска води сметка за своите уметници. Имате ли можеби некои бенефиции?
Единствени бенефиции што ги имам е тоа дека на мојата пензија добивам дури 100 евра месечно од градот Загреб како пејач што го има статусот уметник. Не знам дека се води некоја посебна грижа за младите пејачи и дека во што било им се помага.
Ние од бившата Југославија Ве паметиме и како сопруг на Тереза Кесовија. Дали тоа Ви пречи - сега и некогаш?
Не, тоа воопшто не ми пречи, бидејќи е неизоставен дел од мојата кариера и од мојот приватен живот. Со Тереза имам многу добар пријателски однос и, се разбира, не' врзува нашиот син Алан.
Медиумите известуваа дека имате нова љубов, несекојдневна разлика во години. Што мислите колку годините се состојба на духот?
Мојата сопруга Сара и јас одбележавме 10 години од нашата среќна врска. Од првиот момент ни е убаво заедно, уживаме во животот и во сето она што ни го носи и навистина никогаш не почувствувавме некоја голема разлика во години. Патем, што гарантираат годините? Среќна врска? Не. Среќната врска се постигнува со љубов и почитување, а ние го имаме тоа.
Кога ќе се спомне зборот иднина, какви асоцијации имате и дали правите планови?
За неколку дена ми излегува албумот што го има името „Сега или никогаш“, на кој се наоѓаат 12 песни. Некои од тие песни се светски евергрини што ги преведов на хрватски јазик, а останатите се авторски песни на хрватските композитори пишувани за мене. Сите песни се снимени во студиото на Хрватското радио со придружба на џез-оркестарот на ХТВ. Веќе сега со својата издавачка куќа „Аквариус рекордс“ ја подготвувам промоцијата на албумот. Верувам дека ќе се создаде прилика и би ми значело многу доколку биде претставен и на македонската публика. Инаку, плановите ги правиме и јас и Сара, а тие најчесто се врзани за некое убаво патување, бидејќи сакаме да патуваме и да откриваме нови работи. Што се однесува на асоцијациите на иднината - тоа се мечтаењата за убави егзотични патувања што ги правиме два-три пати годишно. |