Лето на мој начин
Бродски заспивања и морски будења
Водителката Живкица Гурчиновска ги открива благодатите на бродското летување, признавајќи дека е голем хедонист во храната
Валентина Тодоровска
И покрај тоа што горештините многу често не' тераат да ја разработуваме темата колку е полесно да се стоплиш отколку да се разладиш, сепак, летото е време кога се случуваат годишните одмори и кога сме сами своите газди. Си ги управуваме мислите, намерите и желбите кон една единствена цел - да уживаме во декаденцијата. Километарските долгите денови, утрата во поинаква, растоварена димензија, самраците што ветуваат ноќи што за финиш или старт ги имаат романтичните будења.
И тогаш воопшто не е важно каде ќе фрлиме сидро зашто менталните патувања се многу побрзи од реалните... И сеедно каде сте - дома, на планина, езеро, море, или си правите излети низ градов, сигурно е дека постојат работи кои ви асоцираат и без кои не можете ниту ова ниту кое било друго лето. Ова е списокот на работите на Живкица Ѓурчиновска, интерните приоритети без кои таа не може во летниот период.
Сонце
Ништо поубаво од првите сончеви зраци кои те будат и те галат наутро и, се разбира, ништо поубаво од заоѓање на сонцето што го гледате со саканиот. Денот си заминува, волшебни моменти кои во мене будат вистинска возбуда, и покрај тоа што постојано не' бомбардираат колку сонцето веќе не е исто. И покрај штетното влијание, сончевите зраци, сепак, ме асоцираат на живот.
Одмор
Просто ги обожавам деновите за одмор и релаксација, некогаш си ги планираме многу внимателно, но има и периоди к��га се препуштаме на авантурата. Да бидам искрена, многу ми е поважно што имам со кого отколку да испланирам - каде да одам.
Море
Го сакам чувството на спојување со таа прекрасна бескрајна водена површина. Морам да признам дека веќе две години со моето момче уживаме во освојувањето на морските дестинации со брод и тоа некако ми дава една друга димензија на уживањето во него. Можете да се отпуштите и да уживате во плажите кои не се допрени од човечка рака, места каде што вистински ќе уживате во она што го направила природата, без метеж, врева и напор . Едноставно, вие, водата и природата.
Храна
Вистински хедонист сум - уживам во храната, посебно летно време кога на менито имате голем избор и кога ги откривате тајните на кујната на местото каде што го фрливте сидрото. Топло ќе препорачам да го посетите островот Вис и прекрасното гратче Комижа, каде што како да застанало времето, а вие сте препуштени само на уживање. Посетете го ресторанот „Јастожера“ каде што и храната и амбиентот се нешто навистина незаборавно.
Водени спортови
Парасејлинг, скијање на вода, нуркање... Го издвојувам нуркањето и тоа што во најблага варијанта го имам совладано. Еве јавно ветувам дека ќе го усовршам до највисоко ниво.
Брод
Како што напоменав, веќе неколку години јас и моето момче ги откриваме убавините на бродот како летно превозно средство. И сфативме дека тоа е еден навистина посебен начин да го доживеете тоа. Вистинска убавина е да се разбудите на водена површина, да останете на неа цел ден, а притоа да си готвите храна, да уживате во пливањето на местата каде што не може поинаку да се стигне и да го дочекате крајот на денот - повторно заспивајќи на водената површина.
Костими за капење
Претпоставувам дека сум само една од многуте жени љубители на костими за капење. Колку и да ги имате, секогаш некој нов во сезоната што ќе ви недостига, а старите ќе ве потсетуваат каде сте се биле кога сте ги носеле и дали сте се смениле на подобро или на полошо.
Очила за сонце
Кој ги измислил, секако, направил големо дело за човештвото: ем убаво изгледате ем ви помагаат спречувајќи ги брчките и штитејќи ви го погледот.
Клима-уред
Инаку, не го сакам многу, морам да признам дека е од голема помош во жешките денови.
Моето семејство
Ништо од сите летни провокации и летни убавини без луѓето кои се околу мене и ми значат повеќе од се'. И се' е многу поубаво кога го споделувам со нив, па затоа копнеам тоа да се проширува - од себична причина, за да ми се зголемуваат радостите. |