ЕДИТОРИЈАЛ
Казнето колективно домување
Сања Наумовска
И да не се суеверни, денешниот петок 13 за многу Македонци може да биде пеколен. Истекува рокот за сите станари на колективните згради да формираат заедница на сопственици или, пак, да ангажираат управител, како што наложува Законот за домување. Иако е донесен пред една година, многумина за обврските што им ги наметнува Законот дознаа пред неколку месеци, и тоа од медиумите.
Навистина, кај нас, граѓаните како по правило секогаш реагираат во последен момент. Тоа, секако, не е за оправдување, особено што сега станува збор за обврска наметната со закон, а чие неприменување се знае дека подлежи на казни. Но, во овој случај вината за хаосот што допрва се очекува да настане не е само кај граѓаните. Дури не може да се рече ни дека нивната одговорност има подеднаква тежина со онаа на надлежните. Бидејќи факт е дека ниту Владата, ниту министерствата, ниту, пак, локалната самоуправа спроведоа каква било информативна кампања за запознавање на граѓаните што живеат во згради со нивните нови обврски.
Кој прв ќе добие казна, дали навистина државата ќе ги глоби станарите на речиси секоја втора зграда во Македонија, или, пак, ќе си ги признае пропустите и ќе постапи според правилата, прво да ги информира, а потоа и да им даде доволно време на граѓаните да ги реализираат своите обврски. На крај, ако треба и да казнува.
Според последните најави од Министерството за транспорт и врски дека денеска е последниот ден за завршување на оваа обврска, очигледно е дека, како и во случајот со многу други донесени прописи, и овој закон ќе остане практично тешко спроведлив. Можеби една од причините за тоа е фактот што и надлежните немаат одговори на прашањата што се отвораат со него, како ќе се плаќаат заедничките трошоци, кој ќе се грижи за одржувањето, што со становите, кои со години зјаат празни бидејќи нивните сопственици се во странство? Дали соседите ќе треба да ја платат казната и за нивното отсуство? И тука се наметнува дилемата дали целта на власта е да стави акцент на казните и на парите што ќе ги собере од неинформираните граѓани или да стави ред во колективното домување!
Но, има и една друга вистина. Државата самата не е подготвена за спроведување на Законот. На стартот на практичната примена на законските одредби се' уште не се знае што ќе се случи со оние куќни совети што решиле да ангажираат фирма како управител на зградата, бидејќи лиценцирани управители нема. Дали куќниот совет ќе ја добие казната, која е ни помалку ни повеќе 300 евра? А, и зошто да биде казнет куќниот совет кога вината не е кај него?
Регулаторната комисија за домување, која треба да ги лиценцира фирмите што ќе се регистрираат како управители беше формирана дури пред два месеца, а се' уште нема печат и не може правосилно да работи. Од друга страна, сосем е неизвесно и дали воопшто ќе има доволно такви фирми, бидејќи се строги и условите што ги определил законот за управителот.
Со оглед на тоа дека нема абер од лиценцирање на управители, очигледно е дека на граѓаните им останува втората опција, да се организираат и да формираат заедница на сопственици. Никој од оние што живеат во колективни станбени згради не верува во позитивните ефекти на најновите законски измени.
Многу е чудно и сосем неоправдано и игнорирањето на локалната самоуправа во целиот процес. Како најблиска до граѓаните, незаменлива е улогата на општините и на месните заедници, барем во процесот на информирање и запознавање на куќните совети со новите обврски. Но, со оглед на неподготвеноста на централната власт, можеби и општините како и граѓаните и не можеле да направат ништо повеќе. Последиците, веројатно, изразени во евра, допрва ќе ги очекуваме. |