Прва подводна венчавка во Охрид
Мики Трајковски
ОХРИД - Четириесетгодишниот скопјанец Анте и неговата шест години помлада сопруга Катерина, по потекло од Казахстан, судбоносното „да“ го кажаа под вода наместо во црква. На три метри длабочина во Охридското Езеро, во изворите на Дрим кај туристичкиот комплекс „Свети Наум“, двојката Тодоровски заплива во брачни води. Анте и Катерина се првите младенци од Македонија кои се венчаа под вода“.
Подводната церемонија ја организираше охридскиот нуркачки клуб „Амфора“. Анте и Катерина ги венча меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секуловски. За време на настанот туристи на неколку кајчиња во близина љубопитно следеа што се случува под вода.
Младенците, и двајцата нуркачи, најнапред разменија прстени, потоа отворија шампањско и заедно со присутните десетина гости го прославија крунисувањето на бракот. На крајот се прошетаа за да се запознаат со подводните убавини. „Ова уште многу одамна сакавме да го реализираме, бидејќи низ светот се прават вакви работи. Церемонијата може да прерасне во атракција и да привлече туристи кои бараат добра забава во вода и, пред се', авантури“, истакна Секуловски. Тој нагласи дека сите идни брачни парови заинтересирани за венчавање под вода претходно ќе мораат да поминат курс по нуркање.
За венчавката организаторите се подготвувале два дена, а церемонијата траеше триесетина минути. На крај се' заврши со бакнеж и меѓусебни честитања. Моментите од атрактивното венчавање е овековечено со видеоснимка од четири минути и со повеќе од 80 фотографии што ги направи професионалниот фотограф и нуркач Емил Димитриевиќ.
��Ова е нешто ново и несекојдневно за нас кои се занимаваме со оваа работа. Снимениот материјал ќе го понудиме на неколку странски телевизиски канали од Балканот, а преку Интернет ќе го види и светот“, вели Димитриевиќ. Тој најави дека е можно и групно венчавање на поголема длабочина. |