„Кингс оф лeон“
Тронот на младите рокенрол-кралеви
Александар Митевски
Едно е сигурно, а тоа е дека за бендот „Кингс оф лeон“ секој има некаков свој став и никого не оставаат рамнодушни. Веќе се закитени од некои позиции со ловориките на најдобар рокенрол-бенд во моментот кој доаѓа од Америка и има повеќе спротивставени мислење на оваа тема. Од една страна, познато е во јавноста дека тие добија огромни пофалби од Боно Вокс и Боб Дилан (легендите ги пофалија за нивната оригиналност и посебност), а контра овие пофалби, пак, го имавме и контроверзниот Лајам Галагер, кој изјави дека прикаската за „Кингс оф лeон“ се продала благодарение на тоа што се чиста копија на музиката на Ирците „У2“. Британските медиуми веќе наголемо ги нарекуваат американскиот одговор на „Оејзис“ и ниту тоа не ги тангира овие талентирани момци кои едноставно знаат како да врват по својот музички пат и се исправени пред нов предизвик и нова страница во кариерата.
Тие деновиве во текот на својата распродадена турнеја имаат реални проблеми со својот менаџмент околу нивната идеја да ги свират новите, неиздадени песни во текот на концертите со што се косат со правилата што им ги наметнаа менаџерите кои не сакаат песните никако да се пуштат пред нивната официјална промоција. Најгласен во одбрана на својата идеја е токму Келеб, кој мисли дека е ова одлична шанса да се заинтригира публиката и да се испромовираат неколку песни од долгоочекуваниот албум што би бил вистински погодок за нивните фанови. Тие не сакале да одработуваат сувопарни шоу-програми со старите хитови без да ги зачинат со барем неколку песни од новиот репертоар, идеја од која нивните менаџери буквално им се крева косата на главата.
Овој извонреден американски типичен јужњачки рок-бенд веќе одредено време може да се пофали со одличните продажби на своите албуми и воопшто претставува нова рок-сензација која се разграбува во сите форми на медиумско експонирање, успех кој ретко кој може да го достигне во овие нови времиња на модерната музика. Би рекле дека кај нив харизматичноста и оригиналноста во нивниот музички израз ја одигра главната ролја во успехот на „Кингс оф лeон“ и според сите премиси нивната медиумска атака и инстантната популарност која ја стекнаа ги има истите предиспозиции како златните почетоци на мамутските и легендарни рок-бендови во 70-тите и 80-тите години. Но, овој полнокрвен рок-бенд на браќата од Нешвил не само што не остави да биде заслепен од сјајот на нивната планетарна популарност, напротив, откако го трасираа патот на успехот, тие цврсто газат на земјата и веќе во најава е нивната нова студиска гордост, новиот материјал Come Around Sundown. Овој нивен петти студиски албум се очекува да се појави на полиците од музичките продавници некаде во октомври и јавноста и нивните фанови речиси горат од нетрпение да го слушнат новиот звук на момците од „Кингс оф лeон“. Дека не се работи за експеримент и дека тие не се склони кон импровизации говори самиот факт што овој материјал беше изработен под будното око на врвните продуценти Енџело Петралја и Џекваер Кинг, кои веќе во супрелативи говорат за ова ново студиско продолжение на бестселерот Only By The Night, кој светот го разграба во тираж од повеќе од шест милиони копии, што е завидна бројка за еден толку релативно млад рокенрол-бенд. Тој нивен претходник ги направи едни од најбараните рок-бендови на планетата Земја и успеа да ги закити со четири награди „Греми“ и, дефинитивно, им го промени животот на овие млади талентирани момци.
Се разбира нивниот живот стана живот на тркала откако ја продадоа успешната прикаска на „Кингс оф лион“ и во тие моменти тројцата браќа Фолоувил (Келиб, Нејтан и Џеред) и нивниот братучед Метју Фолоувил беа најсреќните на светот затоа што почнаа да добиваат ловорики за работата и музиката која ја сакаат од дното на душата. Интересно е што сите тие заедно живеат во голема куќа во Нешвил, а нивната патека кон ѕвездите започна во 2003 година со деби-изданието Youth And Young Manhood кое било инспирирано ниту помалку ниту повеќе од светата книга - Библијата. Веќе со вториот студиски материјал Aha Shake Heartbreak овие талентирани момци направија вистински квалитативен исчекор кон оригиналноста и музиката која го има нивниот печат, а веќе со Because Of The Times од 2007 година тие ја потврдија својата нагорна линија и логиката во нивната прикаска на растење и развивање за тоа што ги очекуваше во иднина. Овие момци станале вистински популарни ликови во Велика Британија и Ирска и во таа пресудна 2007 година за само 13 минути ги распродале картите за концертот во Даблин и двапати последователно ја наполниле арената, која собирала 5.000 посетители. Британците напросто ги голтаа нивните хитови и сето тоа се рефлектираше со одличното позиционирање на врвот на престижната британска листа, а инстант-славата навистина ги изненади овие момци кои навистина знаеја каде се и што сакаат од себе и својата музика. Сепак, за нив вистинскиот успех го носеше името Only by the Night, кој ја виде светлината на денот во 2008 години и исфрли вонсериски хитови што ги внесе овие момци рокенрол-орбитата на популарноста во која тешко кој можеше да ги замисли, иако предничеа по својата оригиналност и талентираност.
Оригиналноста на тројцата музикални браќа и нивниот роднина.
Најголем иницијатор на „Кингс оф лeон“, секако, фронтменот Ентони Келеб Фолоувил, кој ги пее главните вокали и свири ритам гитари. Овој специфичен баритон и неговата појава го носат несомнено главниот печат на овој рокенрол-бенд, а неговиот пргав карактер на сцената најмногу го почувствува неговата омилена гитара Џибсон од 1972 година, која минатата година тој ја смачка по нервозата предизвикана од техничките проблеми. Секако за формат на таква млада ѕвезда во подем, беше огромен предизвик за моќната компанија „Џибсон“ да ја земе и поправи неговата омилена гитара и да ја врати во првобитна состојба. Другата алка на „Кингс оф лeон“, секако, е братот Нејтан, тапанарот на бендот, кој е венчан со кантавторката Џеси Бејлин и живее во Тенеси. Овој талентиран музичар, заедно со неговиот брат Џеред , басистот на бендот, ја прават моќната ритам секција на „Кингс оф лeон“ и жестокоста на нивниот звук. Џеред, освен на бас, одлично свири пијано и тој се вклучи во бендот како голобрадо момче со одвај навршени 15 години и во оваа прикаска влетал сосема случајно откако немало кој да свири на бас. Тој немал воопшто никакво искуство во свирењето на бас и тоа го усовршил во од в�� текот на музицирањето со браќата. Верувале или не, имал само еден месец за да научи да свири на бас пред да го снимаат нивниот албум првенец, а Џеред е вистински магнет за жени, а најпоследно го поврзуваа со моделката Алиса Торес, со која беше и пред свршувачка. Слична е прикаската со нивниот роднина Метју, кој започна да свири од својата 12. година и со многу вежби и напорна работа успеа да влезе во нивното музичко друштво, а љубовта кон свирката направи тој да го напушти училиштето за да може да им се придружи комплетно на нивните проби.
Според многумина, токму најзаслужни за звукот и музичката обвивка на „Кингс оф лeон“ (се разбира, покрај оригиналноста и талентираноста на овие момци кои знаат што сакаат ) беа нивните студиски ментори и продуценти Енџело Петралја и Џекваер Кинг, кои ги дадоа главните насоки како овие момци треба да зазвучат за да се продадат во милиони примероци. Главната пресвртница во животите на момците од кингсите беше кога лидерот Келеб се појави со недовршена идеја за светскиот хит Sex On Fire (песната која го запали светот) и им ја презентираше на нивните продуценти во студио, кои беа буквално воодушевени и инспирирани да испродуцираат светски хит и покрај експлицитноста на текстот на моменти. Секако, главна продукциска алка на нивните сите четири досегашни албуми беше искусниот студиски гуру Петралја, додека Итан Џонс (син на легендарниот Глин) и Џекваер Кинг ги ротираа двапати своите учества во проектите. Сепак, конечно, на момците им се насмевна среќата да ја имаат истата ѕвездена продукциска екипа која го работеше нивниот бестселер претходник и повторно да работат со Кинг (кој потекнува од нивното родно Тенеси и ги познава овие момци и нивната музика во срж).
Деновиве имаше интересни музички агенциски вести поврзани со овој бенд и нивната несекојдневна случка во текот на нивниот распродаден концерт во Сент Луис. Тие биле принудени да го прекинат своето рокенрол-шоу при наезда на гулаби кои во огромно јато ги избомбардирале со измет. Во текот на нивната планирана журка од 20-ина песни, оваа несекојдневна птичја канонада започната уште од нивното појавување на сцената, па така веќе на третата нумера тие биле комплетно прекриени со птичји измет што ги принудило тогаш и да го окончаат ова шоу кое ги потсетило на големиот филмски хит на Алфред Хичкок и стравичната наезда од агресивните птици. Иако се презафатени со својата турнеја која е во тек, сепак, момците добија отворена необична покана од тинејџ-идолите браќата Џонас, кои ги именуваа браќата од „Кингс оф лeон“ како нивни најпосакувани ривали во натпревар во бејзбол. Останува да видиме дали овој братски ривалитет ќе прерасне во реалност, иако веќе медиумите јавуваат дека еден ваков меч ќе привлече огромен публицитет во јавноста која сака да ги види своите идоли во една поинаква светлина.
Како и да е, спроти нивното повторно атакување на топ-листите со новиот материјал Come Around Sundown, овие жестоки момци се длабоко убедени дека не само што ќе го достигнат успехот на претходникот туку дека имаат вистинско хит-цеде кое ќе ги надмине сите рекорди. Дополнителен показател за нив е тоа што фановите ги прифатиле новите песни на концертните свирки од прва и публиката веќе ги знае текстовите на песните иако не биле промовирани никаде јавно. Иако менаџерите се противат на оваа скриена промоција на новите песни, сепак, не може да се скрие нивното задоволство и триење раце кога се наѕира огромната заработувачка и продажбата на бендот „Кингс оф лeон“. |