9/11 Девет години потоа
Америка се наоѓа среде сериозна дебата околу местото на исламот во општеството
ВАШИНГТОН - Еид ал фитр, празникот што го одбележува крајот на Рамазан, овој пат се совпадна со годишнина од 11-септемвриските напади, настан што ја компромитираше репутацијата на исламот во САД.
Настаните што се случија потоа - две војни во Авганист��н и во Ирак, домашен тероризам - речиси не придонесоа со ништо за да помогнат.
„Некои од нив се навистина вознемирени, бидејќи Еид ал фитр доаѓа околу 11 септември“, вели имамот Мохамед Хаг Магид пред членовите на неговата конгрегација. Членовите низ областа се советуваат да не се експонираат со прославите и да ги направат поинтимни. Не се истакнувајте. Не навредувајте никого. Во Америка, која се наоѓа среде дебата околу местото на исламот во општеството, ова како да е време на внимателност. Но, со несогласувањата околу тоа каде и кога е прифатливо да се изгради џамија, и со свештеник кој се заканува дека ќе го запали Коранот во Флорида, некои од муслиманските верници во САД се прилично фрустрирани.
Соединетите Американски Држави беа многу бавни околу тоа дали сериозно да ја сфатат заканата упатена од домашните радикали, а властите не успеаја да го подготват системот да се справи со растечкиот феномен, се вели во новиот извештај составен од поранешните први луѓе на комисијата за 11-септемвриските напади. Во извештајот се наведува дека американските власти, на пример, не успеале да дознаат дека младите Американци со сомалиско потекло, кои заминуваа од Минесота за Могадишу во 2008 година, за да им се приклучат на екстремистите, не бил изолиран случај.
„Нашето одамнешно верување дека домашен тероризам не може да се случи тука, креираше ситуација каде што денес слепо се сопнуваме низ правното и организациско минско поле за справување со радикализација на тероризмот и регрутирањата што се појавуваат во САД“, се наведува во извештајот до кој успеа да дојде Асошиетед прес.
Како резултат на тоа, се' уште нема федерална агенција која ќе има специфична задача да ја идентификува радикализацијата или да работи на спречување регрутирање терористи од американски граѓани и жители, се додава во извештајот, со назнака дека требаше да биде објавен вчера од двопартискиот политички центар Група за подготвеност на националната безбедност.
Групата, предводена од поранешните први луѓе на Комисијата за 11-септемврисктие напади, Том Кин и Ли Хамилтон, изнесоа детален опис на домашни терористички инциденти во кои спаѓаат престрелката во Форт Худ во Тексас и обидот за напад врз авион кон крајот на 2009 година на Божик, па се' до осуетениот бомбашки напад со камион-бомба во мај на Тајмс Сквер во Њујорк.
Во изминатава година експертите за тероризам и владините официјални лица предупредија на заканата што ја претставуваат домашните радикали, велејќи дека регрутираните терористи што одат во странство би можеле да се вратат во САД за да изведат напади. Меѓутоа, САД, посочува групата, требаше претходно да ја научат лекцијата од искуството на Британија.
Пред самоубиствените бомбашки напади во Лондон во 2005 година, Британците веруваа дека муслиманите во земјата се подобро интегрирани, пообразовани и побогати отколку нивните сонародници во други места. Исто така, САД веруваа дека нивната мешавина од националности и религии би можело да ги заштити од внатрешен радикален раздор, се додава во извештајот. Терористите, пишува во него, најверојатно ја откриле американската „Ахилова пета дека во моментов не постои стратегија за справување со ... домашните терористи и со другите радикализирани регрути“.
Во извештајот, исто така, се нагласува „американизацијата“ на лидерството на Ал Каеда и на нејзините сојузнички групи. Во странство Ал Каеда, нејзините партнери и други екстремистички групи се расцепкаа и раширија, барајќи безбедни засолништа во областите во Пакистан, Јемен, Сомалија и места во Северна и во Источна Африка, кои не се под контрола на власта. Таа видоизменета закана се интензивираше откако милитантите допреа до потенцијалните регрути преку Интернет. (А.П.) |