ОН предложија „дијалог меѓу страните“
Генералното собрание на ОН ја донесе резолуцијата за Косово, која Србија претходно ја усогласи со ЕУ. Со неа би требало да се отвори патот за нов дијалог меѓу Белград и Приштина.
Гласањето за текстот на Резолуцијата доцнеше повеќе часа. Причина беше отпорот на српската делегација спрема присуството на претседателот на Косово, Фатмир Сејдиу, и на министерот за надворешни работи, Скендер Хисени, на трибината за посетители во големата сала на ОН во Њујорк.
Откако беа надминати овие тешкотии, Предлог-резолуцијата, што ја поднесе српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, беше усвоена со акламација. Станува збор за ревидираната Предлог-резолуција, што ја прифати српската страна под притисок на ЕУ и САД. Така, во новата верзија не стои повеќе осуда на отцепувањето на Косово од Србија, ниту, пак, барањето за повторно отворање преговори околу статусот на Косово. Наместо тоа, новиот документ што го усвои синоќа Генералното собрание на ОН, предлага „дијалог меѓу страните“. „Процесот на дијалог веќе по себе би бил важен фактор за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот“, се вели во усвоениот текст. Дијалогот, според него, треба да му послужи на патот кон Европската унија. Делегатите на Генералното собрание на ОН на синоќешната седница го поздравија настојувањето на ЕУ да го олесни дијалогот меѓу страните во конфликтот. Цел на разговорите мора да биде поттикнување на меѓусебната соработка и подобрување на животните услови и стандардот на населението на Србија и на Косово.
Новиот текст на српската резолуција наиде на добар прием во Приштина. Косовската влада порача дека тој и' соодветствува на реалноста на Косово. И германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, смета дека станува збор за добар развој. Новиот текст на Резолуцијата, според него, отвора простор за директни преговори. „Ги повикувам сите итно да ги почнат овие преговори под покровителство на пратеникот на ЕУ и да ги водат во насока што ќе донесе конкретни резултати за населението“, порача Вестервеле во Берлин. (Дојче веле)
|