Солун викендов под полициска опсада
Околу 5.000 полицајци се распределени во и околу центарот
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Поради денешното отворање на Меѓународниот саем во Солун се преземени драконски мерки за обезбедување и за запазување на јавниот ред и мир. Околу 5.000 полицајци и специјални полициски сили се распределени во центарот на Солун и околу него, најмногу околу зградата на саемот и хотелот „Македонија палас“ на самото шеталиште во Солун, каде што се сместени најголем дел од министрите и важните гости што ќе присуствуваат на отворањето на саемот.
Вчера, од рано изутрина и за време на средбата на новите министри со Папандреу, протестираа вработените во „Грчките железници“, а паралелно беше одржан и протест од различни здруженија поради незадоволството од пензиите. Протест за петокот вечерта најавија и полицајците поради намалувањето на платите.
Рано изутрина членови на синдикатот на комунистичката ККЕ влегоа во Белата кула и успеаја од врвот да пуштат големо платно на кое беше испишана паролата „Сите на улици за да не страда веќе народот“ и кусо време го блокираа влезот во музејот на кулата, но се разидоа, а платното беше отстрането по полициска интервенција.
Денес се очекува уште претпладне да почнат со протести превозниците и сопствениците на камиони и цистерни. Нивниот протест се очекува да биде од влезот на Солун, од самото пристаниште и да се движат кон зградата на саемот. За попладне од 18 часот се планирани најмалку четири протести низ целиот центар, кои треба да завршат пред зградата на саемот, каде што Папандреу треба да одржи говор и свечено да ја отвори манифестацијата. Протестите ги организираат синдикатите ПАМЕ, АДЕДИ, ГСЕЕ, здруженијата од левицата, како и од организаторите на фестивалот „Итна демократија“, кој се одржува на факултетот „Аристотел“, како и независни граѓански здруженија и анархисти. Излезноста на протестите се очекува да биде голема ако се земе предвид дека веќе две недели во Атина речиси секаде има постери што повикуваат на организирање за протестите.
Поради очекуваните безредија, од вчера вечер до недела попладне во 14 часот нема да биде дозволено застанување со автомобили низ речиси сите улици во центарот, вклучувајќи ги и главните „Цимиски“ и „Игнатија“, како и булеварот „Никис“, главната улицата покрај солунското шеталиште, особено покрај хотелот „Македонија палас“ и саемот. Од сабота во 15 часот до завршувањето на церемонијата за отворање и говорот на Папандреу целиот центар ќе биде отсечен за движење со автомобили.
|