Ф1 викендот прв и последен пат сезонава во С. Америка
Циркусот наречен Формула 1 се сели „преку барата“ на единствената годинешна трка што ќе се вози на северноамериканскиот континент, онаа во канадски Монтреал. Самата патека на која во недела ќе се вози Големата награда на Канада е изградена за само една година и тоа на иницијатива на неколку Канаѓани со француско потекло кои беа максимално мотивирани со тогашните успеси на големиот Жил Вилнев. Бидејќи немаше многу пари и време за изградба на нова патека беше одлучено да се спојат сите островски улици на Ил Нотрдам и така да се добие супер атрактивна патека. Во нејзината доработка, а со цел да се задоволат високите Ф1 стандарди, беа вложени два милиона долари и првата трка беше одржана во 1978 година во која по лошата сезона триумфираше домашниот идол Жил Вилнев.
Трката во Монтреал не може да се смета за завршена се додека победник буквално не ја мине целта. Сведоци на тоа сме биле многупати до сега. Во прилог на ова е несреќата на Најџел Мансел во 1991 година чиј болид запре со работа на неколку стотина метри пред целта. Тоа му овозможи на Нелсон Пике да слави што беше негова последна победа во кариерата. На оваа патеката можевме да видиме и голем број грешки и несреќи на најдобрите како на пример оној во 1999 година кога во последниот свиок испаднаа дури тројца светски шампиони, Дејмон Хил, Жак Вилнев и Михаел Шумахер.
Сето ова е доволна најава за уште еден интересен Ф1 викенд .